Жителите на Венеција организираа протести против свадбата на милијардерот Џеф Безос и новинарката Лорен Санчез, закажана за крајот на јуни, бидејќи веруваат дека настанот ќе го претвори градот во „игралиште за богатите“, објавува веб-страницата G1 Globo.
Протестите започнаа во март, кога градоначалникот на Венеција, милијардерот Луиџи Бруњаро, потврди дека градот ќе биде домаќин на свадбата.
После тоа, активистите започнаа кампања под слоганот „Нема простор за Безос“, (No space for Bezos) што е исто така игра на зборови поради значењето на англискиот термин „space“, што значи вселена, бидејќи основачот на Amazon е и сопственик на компанијата за вселенски патувања Blue Origin.
Во април, компанијата го организираше првиот вселенски лет со екипаж составен исклучиво од жени, вклучувајќи ја и свршеницата на Безос, Санчез, пејачката Кети Пери и други познати личности.
Како што се приближува свадбата на Безос, протестното движење се интензивираше, а демонстрантите со транспаренти се собираа на познати историски места во градот, како што е мостот Риалто.
Приватната церемонија е опишана како најголемата венчавка во Венеција од свадбата на Џорџ Клуни и Амал Аламудин во 2014 година, а на неа ќе присуствуваат околу 200 гости, меѓу кои Опра Винфри, Мик Џегер, Кети Пери и Иванка Трамп, објави АП.
Точниот датум на свадбата сè уште не е познат, а најавени се протести за 26, 27 и 28 јуни, кога се очекува да пристигнат гостите.
Свадбата на Безос се случува во време на растечки бран протести против масовниот туризам во Европа.
Демонстрантите истакнуваат дека логистиката околу настанот, особено безбедносните мерки, би можела да го влоши веќе тешкото движење на локалните жители, а исто така истакнуваат дека населението на Венеција се намалува поради зголемените трошоци за живот.
Се проценува дека свадбата ќе чини помеѓу 10 и 21,5 милиони долари, а дел од трошоците ќе бидат од повлекувањето на флотата на водно такси, јавуваат медиумите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата