Кога размислуваме за здравјето, повеќето од нас се фокусираат на тежината, индексот на телесна маса или нашиот одраз во огледалото. Сепак, овие бројки немаат никаква врска со здравјето на мозокот, или воопшто со вистинското здравје.
Добрата вест е дека постојат едноставни навики поткрепени со наука кои можете да ги вклучите во секојдневниот живот за да го подобрите здравјето на вашиот мозок без да размислувате за калориите или за тоа како изгледате.
Еве што можете да правите секој ден за да го одржите вашиот мозок во врвна форма.
1. Хидратацијата е клучна
Ако пиете доволно вода, урината треба да биде светло жолта или бистра – тоа значи дека вашите бубрези работат правилно. Доколку забележите потемна урина, тоа е знак дека треба што поскоро да испиете чаша вода. На мозокот му треба вода за да функционира правилно, а дехидрацијата може да ја намали концентрацијата и да го зголеми заморот.
2. Обрнете внимание на вашиот циклус
Ако сте жена, вашиот менструален циклус може да биде важен показател за вашето целокупно здравје, вклучувајќи го и здравјето на мозокот. Хормоналните промени во текот на месецот влијаат на расположението, енергијата и менталните способности.
Студијата објавена во списанието NPJ Women's Health покажа дека следењето на вашиот циклус може да ви помогне подобро да го разберете вашето расположение и способност да се справите со стресот.
3. Препознајте ги вашите емоции
Стресот често нè наведува да реагираме автоматски без свесна мисла. Препознавањето на сопствените емоции и начинот на кој реагираме на ситуации може значително да го подобри менталното здравје.
Терапевтот може да помогне во управувањето со емоциите, но саморефлексијата и одржувањето дневник за чувства исто така може да бидат корисни.
4. Грижете се за вашата кожа
Кожата е најголемиот орган на телото и често може да покаже знаци на внатрешни проблеми. Хормоналната нерамнотежа, стресот и нездравата исхрана можат да влијаат на вашата кожа.
Надвор од естетскиот аспект, негата на кожата, како што е миењето на лицето секоја вечер, може да има смирувачки ефект и да ја намали анксиозноста. Истражувањата покажуваат дека физичката грижа за себе може да ги намали негативните емоции и да ја подобри сликата за себе.
5. Движете се секој ден
Не е важно дали вежбате во теретана, го шетате кучето или правите утрински истегнувања – важно е да се движите. Физичката активност ја подобрува циркулацијата и протокот на кислород во мозокот, го намалува стресот и го подобрува расположението. Дури и десет минути лесно истегнување може да направи голема разлика.
6. Слушајте го вашето тело кога е храната во прашање
Интуитивното јадење не мора да значи строга диета, туку повеќе да го слушате вашето тело – јадете кога сте гладни, прекинете кога сте сити и изберете храна богата со хранливи материи. Здравата исхрана, богата со растителни влакна, витамини и здрави масти, може многу да ја подобри когнитивната функција.
7. Негувајте пријателства
Социјалниот живот има огромно влијание врз здравјето на мозокот. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои одржуваат силни социјални врски имаат подобри когнитивни способности и помал ризик од депресија. Најдете време да поминете време со луѓе кои ве прават среќни – дури и краток разговор со пријател може да го подобри вашето расположение.
8. Слушајте го вашето тело
Сосема е нормално повремено да настинувате, но доколку постојано имате здравствени проблеми, тоа може да биде знак за ослабен имунитет. Ако ретко се разболувате, тоа значи дека вашиот животен стил поддржува здрав имунолошки систем – продолжи така!
9. Спијте доволно
Спиењето е клучно за здравјето на мозокот. Ако немате проблеми со заспивањето и добро спиете, тоа е одличен знак. Нередовниот сон може да биде поврзан со несоница, анксиозност или дури и дигестивни проблеми.
Студијата на Универзитетот во Јута покажа дека спиењето не само што ја подобрува функцијата на мозокот, туку и игра клучна улога во учењето, меморијата и регулацијата на емоциите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата