„Јас ќе те водам. Земи оружје, седни во такси и оди право таму. Биди како војник“, напишал корисникот под името „Акон“ на шифрираната апликација Сигнал.
На другата страна на екранот било 13-годишно момче од Гетеборг, Шведска. За сума од 19.000 долари, тоа добило линк од YouTube со упатство како да наполни пиштол, по што среде бел ден отворил оган кон седиштето на израелската одбранбена компанија „Елбит Системс“. Зад нападот стоела шведска нарко-банда поврзана со Иран. Детето беше уапсено, но никогаш не одговараше пред законот затоа што кривичната граница во Шведска е 15 години.
Овој случај е само врв на ледениот брег од новиот, глобален и застрашувачки тренд: криминалните синдикати масовно регрутираат деца за извршување на најтешките злосторства, свесно користејќи ги дупките во законите, пренесува „Економист“.
Глобален бран на кратење на границата за кривична одговорност
Соочени со немоќ пред бруталниот малолетнички криминал, владите ширум светот панично ги спуштаат старосните граници за затвор:
- Аргентина: Претседателот Хавиер Милеи ја спушти границата од 16 на 14 години, откако јавноста беше згрозена од 15-годишник кој за само 200 долари ладнокрвно уби вработен на бензинска пумпа.
- Малдиви: Властите планираат да ја намалат границата од 15 на 12 години, бидејќи бандите користат 11-годишни деца за тешки кривични дела.
- Велика Британија: Северен Ирска, Енглеска и Велс (заедно со Швајцарија) ја задржуваат најниската граница во Европа – каде деца од едвај 10 години можат кривично да одговараат.
И Шведска најавува реформи со кои зад решетки ќе можат да завршат и 14-годишници, откако претходно забележа огромен пораст на насилството, исто како и Јужна Кореја, каде криминалот кај децата под 14 години се удвои за четири години.
Лов на деца преку Инстаграм и ТикТок
Сепак, експертите и Однетот на ОН за правата на децата предупредуваат дека репресијата не го решава проблемот. Мозокот на децата на возраст од 12 до 14 години сè уште се развива, тие се импулсивни и подложни на манипулација.
Кога Шведска во 2022 година ги заостри казните за оние со навршени 18 години, бандите едноставно се прилагодија и почнаа да бараат уште помлади жртви преку социјалните мрежи. За да спречат децата да се откажат, дилерите ги уценуваат барајќи им фотографии од нивните пасоши или од членовите на семејството.
„Можат да ги уапсат децата што ги регрутираме, но јас за една секунда ќе објавам нешто ново на Инстаграм и ќе регрутирам стотици други“, вели еден од регрутерите во извештаите.
Од колумбиските „солдадитос“ (мали војници) кои пукаат во претседателски кандидати, па сè до предградијата на Марсеј каде тинејџери меѓусебно се убиваат со „калашников“, искуството покажува дека строгите закони само ја спуштаат возраста на регрутите.
На крајот од денот, во случајот со нападот во Гетеборг, четворица тинејџери добија затворски казни за соучесништво, но мозокот на операцијата, мистериозниот „Акон“ , остана слободен, нечепнат во сенка, подготвен за следното дете на социјалните мрежи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата