Американскиот Апелационен суд донесе одлука со која се дозволува продолжување на градежните работи на подземните и надземните делови од новата балска сала на претседателот Доналд Трамп во рамките на комплексот на Белата куќа.
Како што пренесува Би-би-си, Апелациониот суд на Дистриктот Колумбија даде административно одобрение за проектот, откако администрацијата на Трамп поднесе жалба на претходната одлука на судијата Ричард Леон. Со таа првична одлука беше стопиран надземниот дел од изградбата, но по најновиот правен пресврт, работниците се враќаат на терен.
Според судските документи, градежните активности ќе продолжат со полн интензитет најмалку до следното рочиште, кое е закажано за 5 јуни. Овој проект, кој предизвика бројни дебати во американската јавност, е замислен како репрезентативен објект за свечени приеми и државнички настани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата