Еден од најреномираните современи македонски сликари, Илија Пенушлиски, починал вчера во Скопје на 79 години.
За смртта на скромниот уметнички бунтовник објави неговиот син Илија Митрев-Пенушлиски.
,,Татко ми почина вчера. Живееше без преправање, без оклоп, непропустлив за бучавата на времето. Живееше со длабок хуманизам, незаситна љубопитност, желба за живот и непоколеблива луцидност и присутност. Немаше никаква приврзаност кон нештата – само кон идеите, креацијата и луѓето. Беше исклучителен уметник, познат на многумина, но рамнодушен кон тоа да биде познат. Неговите идоли беа уметници, каубои, пијаници и Хозе Мухика“, објави за смртта Митрев-Пенушлиски, синот на уметникот.
Илија е син на Кирил Пенушлиски, истакнат македонски фолклорист роден во Солун, а беше сопруг на Илинка Митрева, поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка од редовите на СДСМ, која почина на 31 јули 2022.
Илија Пенушлиски е роден во Скопје 1947. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1971 година.
Во 1972/73 бил на постдипломски студии на институтот „Прат“ во Њујорк и има бројни самостојни изложби во земјава и во странство.
Неговата последна изложба, изложба „Градот“, каде за првпат во својата плодна и светска кариера работи со дигитална графика, беше во 2018 во скопската галерија „Акантус“.
Одби негова слика да биде изложена во бугарскиот културно информативен центар
Во февруари 2022, Пенушлиски јавно ја замоли Галичката ликовна колонија да го повлече неговото дело кое беше поставено во бугарскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје и од Центарот да го избрише неговото име од излогот. Сликата беше дел од изложбата „Заедно“, која на 25 ноември беше отворена за промоцијата на новите простории на бугарскиот КИЦ.
Пенушлиски тогаш во јавната реакција рече дека сликата ја насликал за време на Галичката ликовна колонија пред 20-тина години, и дека од пријатели дознал оти неговото име стои и на излогот на центарот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата