Антарктичкиот крстосувач MV Hondius е на пат кон островот Тенерифе на Канарските Острови, каде што треба да пристигне во недела наутро, но прашањето е дали евакуацијата на патниците воопшто ќе биде одобрена.
Докторот на бродот, д-р Себастијан Борович-Скоњечни, предупредува дека поради застрашувачката стапка на смртност од 40 проценти и долгиот период на инкубација, преживеаните би можеле да останат во целосна изолација на средина на океанот до осум недели.
- Ситуацијата е исклучително тешка. Луѓето на бродот можат да останат заробени до два месеци, додека не помине периодот на инкубација на вирусот - предупредува д-р Борович-Скоњечни, бродски лекар со долгогодишно искуство, за порталот Медонет.
Засега е планирано патниците од бродот, на кој беше регистрирана епидемијата на хантавирус со осум заразени лица, од кои тројца починаа, да ги пречекаат здравствени техничари од Канарските Острови кои ќе ги транспортираат до јужниот аеродром на островот. Странските државјани ќе бидат репатрирани оттаму во нивните земји, додека 14 Шпанци ќе бидат префрлени во Мадрид, каде што ќе бидат ставени во карантин во Воената болница Гомез Ула.
Потрага по 23 лица, пријавени се симптоми во Швајцарија

Во меѓувреме, уште 23 патници кои биле на бродот веќе го напуштиле за време на една станица и се вратиле во своите земји без никаков карантин, како што откри еден од патниците за весникот Ел Паис:
- 23 лица се истовариле на Света Јелена. Има 23 лица кои сега слободно патуваат и, до пред три дена, никој не ги контактирал - рече човекот кој сакаше да остане анонимен. Само оваа среда се дозна дека еден од нив е хоспитализиран во Швајцарија со симптоми на хантавирус.
Министерката за здравство на Шпанија, Моника Гарсија, нагласи дека сите лица кои останале на бродот биле без симптоми, откако истата среда наутро, тројца пациенти со симптоми на инфекција биле префрлени во Холандија.

Меѓу нив е и докторот кој ги лекувал случаите на бродот, кој првично требало да биде евакуиран во Шпанија поради сериозноста на симптомите. Гарсија рече дека откако неговата состојба се стабилизирала, било одлучено да се префрли во Холандија заедно со уште двајца пациенти.
На бродот има 149 лица, претставници на 23 различни националности. За истоварување на патниците, медицинска евакуација и медицински преглед е потребна дозвола од и координација со локалните здравствени власти. Медицинскиот трансфер на засега шетирите болни лица на бродот сè уште не е извршен.
Сите загрозени патници, 88 туристи и 61 член на екипажот, ги очекува пеколен период на изолација од најмалку 40 дена колку што трае периодот на инкубација на опасниот вирус со смртност околу 50% а заболените неизвесено лекување во странски држави, далеку од нивните домови.
„Ние не сме само приказна. Ние не сме само наслови, ние сме луѓе со семејства, со животи, со луѓе што нè чекаат дома“, изјави расплаканиот патник Џејк Розмарин.

За американскиот патнички влогер на бродот на луксузниот крузер MV Hondius во Атлантскиот океан, патувањето од соништата доби смртоносен пресврт.
Три потврдени и пет сомнителни случаи на хантавирус - ретка, но тешка болест што обично ја шират глодари - оттогаш се идентификувани.
Три патници на бродот починаа, а уште неколку се болни или покажуваат симптоми откако MV Hondius исплови од Аргентина пред околу еден месец. Се работи за вид на “вирус од Андите“ и сомневање дека е внесен на бродот од заразен патник кој влегол во крузерот во Аргентина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата