Иранската пејачка Парасту Ахмади и осум членови на нејзиниот продукциски тим, вклучувајќи ги и музичарите, се осудени на дури 74 удари со камшик поради онлајн концерт кој во 2024 година во живо се пренесуваше на нејзиниот Јутјуб-канал. Според судските документи, кривичниот суд во провинцијата Ком им изрече казна камшикување, двегодишна забрана за напуштање на земјата и двегодишна забрана за уметничко делување.
Уметниците се прогласени за виновни за „нарушување на јавниот морал“ преку создавање и објавување на „вулгарна и неморална содржина“ на интернет. Иако официјалната судска агенција во Иран сè уште ја нема објавено пресудата, организациите за човекови права тврдат дека ова е дел од поширок брутален план на режимот за задушување на секаков културен отпор.
Целиот случај започна во декември 2024 година, кога тогаш 29-годишната Ахмади во живо и без хиџаб ја изведе патриотската песна „Од крвта на младите на татковината“, видео кое веднаш стана вирално на социјалните мрежи. Таа и музичарите беа приведени набрзо по емитувањето, по што беа пуштени да се бранат од слобода пред властите да го покренат официјалниот процес. Бахар Гандехари, директорка на американската организација „Центар за човекови права во Иран“, изјави дека оваа сурова пресуда е болен потсетник дека состојбата во земјата не е променета, наспроти обидите на Техеран преку воена пропаганда да прикаже поинаква слика во светот. Од правното советувалиште „Дадбан“ потенцираат дека пресудата нема никаква правна основа, бидејќи според иранскиот кривичен закон, пеењето и создавањето музика од страна на жени не претставува кривично дело, па затоа чинот не може да се толкува како дистрибуција на „обсцена содржина“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата