Приказната за петте говеда оставени на изолираниот остров Амстердам во Јужниот Океан прерасна во едно од најнеобичните поглавја на модерната биологија. Сè започнало во 1871 година кога фармерот Хуртин пристигнал на овој ветровит и негостољубив остров со план за населување. Проектот пропаднал по само неколку месеци, но животните останале и успеале да преживеат во речиси невозможни услови, без човечка помош, ветеринарна грижа или стабилен извор на храна, пишува „The Economics Times“.
Во текот на повеќе од еден век, овие пет единки создадоа диво крдо кое нарасна на околу 2.000 животни. Научниците неодамна се обидоа да објаснат како толку мала популација успеала да опстане на простор од само 55 квадратни километри. Студијата објавена во 2024 година, предводена од генетичарот Матје Готје од францускиот институт ИНРАЕ, откри дека крдото всушност потекнувало од две различни генетски лози. Околу 75 проценти од гените доаѓале од европско говедо слично на расата Џерси, додека остатокот припаѓал на зебу говедата од Индискиот Океан, познати по својата отпорност на тешки климатски услови.
Истражувачите сметаат дека токму оваа генетска разновидност ги зголемила шансите за преживување. Иако популацијата потекнувала од само пет животни, научниците не пронашле катастрофални последици од парењето во сродство. Иако нивото на инбридинг изнесувало околу 30 проценти, што кај многу видови би довело до изумирање, кај ова крдо тоа не се случило бидејќи популацијата се зголемила многу брзо, со што се зачувала потребната генетска разноликост.
Особено интересни се еволутивните промени поврзани со однесувањето на животните. Анализата на геномот покажа дека најголемите прилагодувања се случиле во нервниот систем, а не во физичкиот изглед. Говедата се прилагодиле психолошки побрзо отколку телесно, односно станале попретпазливи, самостојни и способни за див живот. Иако претходно се веруваше дека животните значително се смалиле со текот на времето како пример за островски џуџест раст, новите анализи сугерираат дека тие веројатно отсекогаш биле помали поради природните карактеристики на нивните изворни раси.
Приказната за ова необично крдо заврши во 2010 година кога сите говеда беа отстранети од островот за да се заштити автохтониот екосистем, вклучувајќи го загрозениот амстердамски албатрос и ретките видови дрвја. Островот Амстердам денес е дел од светското наследство на УНЕСКО, а иако крдото повеќе не постои, неговиот генетски запис останува зачуван како доказ за неверојатната издржливост на природата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата