Најновата романтична комедија „Канцелариска романса“ (Office Romance) донесе лавина од шпекулации за приватниот живот на Џенифер Лопез, но и сериозни поделби меѓу филмските критичари.
Покрај Џенифер Лопез, главната улога ја толкува Брет Голдстајн, најпознат по серијата „Тед Ласо“ (Ted Lasso), кој воедно е и еден од сценаристите на остварувањето.
Нивната блискост за време на промотивната кампања во последните месеци ги подгреа гласините за можна романса. Иако Лопез ги отфрли таквите наводи, заедничките појавувања на премиерите во Њујорк и Лондон повторно ги покренаа шпекулациите на социјалните мрежи.
Филмот ја следи приказната за Џеки Круз, успешна и амбициозна директорка на голема авиокомпанија која ја наследила од својот татко. Иако многумина ја сметаат за привилегирана наследничка, Џеки е посветена на работата и со години приватниот живот го ставала во втор план. Ситуацијата се комплицира кога ќе се соочи со тужба во која се тврди дека успехот го постигнала благодарение на изгледот, а не на способностите.
Кога главниот правник на компанијата ќе заврши во болница, Џеки е принудена да соработува со неговиот заменик Даниел. Наспроти строгите правила кои забрануваат врски меѓу вработените, меѓу нив се развиваат емоции кои би можеле да ги загрозат нивните кариери и углед.
Поделени реакции од критиката
Критичарите не беа едногласни во оцените за филмот.
Бенџамин Ли од „Гардијан“ (The Guardian) му даде на филмот две од пет ѕвездички, оценувајќи дека „Канцелариска романса“ (Office Romance) никогаш не успева да го најде вистинскиот тон.
„Џенифер Лопез изгледа беспрекорно и ја носи улогата со харизма на филмска ѕвезда, но филмот околу неа делува несигурно и недоволно убедливо“, наведе Ли.
Тој особено ја критикуваше глумата на Голдстајн, истакнувајќи дека не успева да ѝ парира на Лопез во жанрот на романтична комедија.
Ниту Лиса Кенеди од „Њујорк Тајмс“ (The New York Times) не беше импресионирана. Таа смета дека сценаристите се обиделе дејство што е доволно за цела сезона на една серија да го сместат во еден двочасовен филм, што, според нејзиното мислење, не се покажало како успешно.
Од друга страна, Гај Лоџ од „Вараети“ (Variety) имаше поблаг став. Тој смета дека филмот на публиката ѝ го дава токму она што го очекува од една лесна романтична комедија, иако прашањето за хемијата меѓу главните актери останало отворено.
Посебни пофалби за споредната актерка
Најмногу пофалби доби Бети Гилпин, која ја игра бремената заменичка на Џеки, Сидни.
Критичарите истакнуваат дека со својата енергија и впечатлив настап таа често успевала да ги засени главните ѕвезди на филмот.
Додека критичарите останаа поделени, реакциите на гледачите се уште поразновидни. Меѓу позитивните коментари се издвојуваат оцените дека филмот е забавен, романтичен и идеален за опуштена вечер.
„Одличен филм, само опуштете се и уживајте“, напиша еден гледач.
Меѓутоа, имаше и такви кои не беа задоволни.
„Хемијата меѓу главните актери едноставно не функционира. Сценариото е слабо, а актерската постава е неубедлива“, се наведува во еден од коментарите.
Поединечни обожаватели на Џенифер Лопез порачаа дека филмот ги разочарал, истакнувајќи дека не може да се спореди со нејзините најуспешни романтични комедии од претходните години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата