Пред три години, на 82 години возраст, почина Хилдегард-Хилда Кондовска, ТВ новинарка и уредничка за култура во Македонската радио-телевизија (МТВ), каде била од основањето. Таа важеше за една од водечките новинари за култура и уметност во земјава.
Кондовска беше сопруга на еден од најзначајните македонски сликари, Димитар Кондовски, со кого имаат три деца. Таа е мајка на глумицата од Драмски театар Марија Кондовска и на фотографот Филип Кондовски. Година дена пред да почине, со нејзина соработка, Националната галерија на Македонија ја организираше ретроспективата на Димитар Кондовски во Даут пашин амам, кога беа претставени дела од семејната колекција.
Родена е како Хилдегард Караџа во 1941 година. Татко ѝ е Теохар Караџа од позната штипска фамилија, а мајка ѝ Манци има татко Словак и мајка Германка, па така го добива и името. „Како мала бев многу несреќна со тоа име, па сè почесто го користев Хилда, име што ми остана“.
Како се запознале со сопругот? Таа била гимназијалка, а нејзиниот чичко, академски сликар, имал изложба во ДЛУМ. Добил негативна критика од некој млад критичар. Таа била навредена и темпераментна, и вели:
„Тогаш сиот наш живот се одвиваше во театарот. Отидов на театар да дознаам кој е тој што се дрзнал така да напише за чичко ми. Го прашав Антонио Николовски, историчар на уметност, да ми го покаже тој безобразен млад човек. Антонио беше збунет, ѕвончето за влез во салата ѕвонеше, времето се скрати, и само ми рече – Овој до тебе е тој, Димитар Кондовски. После веќе не се сеќавам“, раскажува Хилда, која е 15 години помлада од сопругот.
Вели дека татко ѝ, кој бил паметен човек, ѝ правел притисок да не оди со постар маж, а Димче, од друга страна, ѝ правел притисок да се омажи за него:

„Многу се смеевме со Димче зашто нему му беше незгодно да шета со мене, јас ученичка во униформа и со училишна чанта в рака. Но, се договоривме, кога завршив gимназија, утредента ги зедов сите документи од дома, и отидовме во Матично.
Ми остана мистерија од каде Димче дојде со Пјер и Ана Липша-Тофовиќ како кумови. Јас ја зедов другарка ми Гордана Кацаволу за сведок. Ана Липша му го додаде букетот со цвеќе на Пјер и му рече: ‘Држи го ова, јас сум примадона и мене скандали не ми требаат’. Тогаш дојде и мајка ми, слушнала ама задоцни. Одма се врати дома, и за казна ми го продаде клавирот. Во тоа време беше многу тешко да се купи клавир“.
За изложбата што Кондовски ја имал во Рим во 1962 година, историчарот на уметност и куратор на изложбата Емил Алексиев пишува дека поминала спектакуларно, и дека тој ги продал сите слики, за кои сега нашата исторографија на уметноста нема податоци каде се.
Тој престој во Рим, за Хилда и Димче е еден од наубавите периоди во животот. Таа веќе во Скопје во „Нова Македонија“ и во „Вечер“ почнала да се ориентира кон новинарството, и додека Кондовски ја користел едногодишната стипендија на италијанската влада, таа стажирала во „Стампа естера“ каде што биле вклучени сите странски дописници.
Се приклучила на југословенската екипа во која биле ветерани како Леон Давичо, Вања Краљевиќ и други, и навлегла во многу сфери и новинарски жанрови. Вели, тоа било период со драгоцено животно и професионално искуство во кое покрај елитните колеги со кои соработувала, се сретнала со Софија Лорен, Виторио де Сика, Виторио Гасман.

По враќањето од Рим, на младиот пар им се раѓа најстарата ќерка, крстена по кумата Ана, но импресионирани од Италија, ја викаат Бјанка. Потоа ја добиваат Марија – Маќе, и подоцна синот Филип – Магу, за чии прекари исто така имаат приказни.
Димитар Кондовски (Прилеп, 30 септември 1927 - Скопје, 10 август 1993) сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Има особено значење за развитокот на македонското современо сликарство во шеесеттите години. Завршил Академија за ликовни уметности во Белград. Бил член на групите „Денес“ и „Мугри“.
Кога некој жена ќе помине пола деценија, или повеќе во вонременска љубов со уметник, таа е инспирација за уметноста и ја дели судбината ан делото. А судбината на делото на Димитар Коновски е трајно, како и нивниот однос и нивната љубов.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата