На местото каде што Бисерната Река се влева во Јужнокинеското Море се наоѓа вистинско архитектонско чудо – мостот Шенџен-Џонгшан, кој беше отворен за сообраќај на 30 јуни 2024 година.
Неговата улога е јасна и практична – директно поврзува два клучни града во источниот и западниот дел од делтата и ја менува динамиката на регионалниот транспорт.
Драстично скратено патување
Станува збор за комбинација од мостови и тунели со вкупна должина од 49,7 километри, со осум сообраќајни ленти, дизајнирани за максимална брзина од 100 км/ч. Проектот опфаќа главен подводен тунел од 6,7 километри кој започнува од страната на Шенџен, како и 19 мостови со вкупна должина од 43 километри кои се протегаат преку делтата на Бисерната Река до Џонгшан.
Најдолгиот континуиран мост е долг 22,5 километри, од кои 15,5 километри се над површината на морето, поврзувајќи ги источната и западната страна на делтата.
На овој начин, патувањето кое претходно траеше околу два часа, денес се поминува за само – половина час.
Главниот тунел е опремен со современи уреди за безбедност и надзор. По целата должина се поставени сензори и камери кои непрекинато го следат сообраќајот, детектираат инциденти и овозможуваат реагирање од централниот контролен центар. Покрај тоа, постои ЛЕД-сигнализација која ја покажува насоката на движење и предупредува во случај на вонредни ситуации, олеснувајќи ја евакуацијата и овозможувајќи управување со сообраќајот во реално време.
„Клучна врска“ во делтата на Бисерната Река
По отворањето на мостот, во првиот месец беа забележани над три милиони преминувања на возила. Шенџен веднаш пушти во превоз меѓуградски автобуски линии кон Џонгшан, што дополнително ја забрзува мобилноста на жителите и ги намалува сообраќајните метежи во регионот.
Википедија наведува дека првите денови донеле локални застои и чекања, но дека проектот се покажал како „клучна врска“ која ги интегрира градовите во делтата на Бисерната Река.
Проектот беше проценет на околу 4,83 милијарди долари – во моментот на неговото предлагање – и претставува едно од најголемите инфраструктурни вложувања во тој дел од Кина.
Освен што ги поврзува големите градови, софистицираниот комплекс го олеснува транспортот на стоки, деловните патувања и туризмот, со што придонесува за поширокиот економски развој.
Интересно е што мостот Шенџен-Џонгшан, во поширок контекст, е поврзан со мостот Хонгконг-Џухај-Макао (најдолгиот премин преку море и најдолгата фиксна врска на отворено море во целиот свет), како дел од проектот за намалување на оддалеченоста меѓу градовите во Областа на Големиот Залив.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата