logo
logo
logo

Прв пат во Македонија изведена 3D витрео-ретинална хирургија и примена на интраоперативна ангиографија

Vecer | 24.10.2025

Прв пат во Македонија изведена 3D витрео-ретинална хирургија и примена на интраоперативна ангиографија

На Универзитетската клиника за Очни болести во Скопје, за прв пат беа извршени хируршки интервенции на ретина/макула со систем за 3D визуелизација NGENUITY® 3D Visualization System.

Во изминатиот месец во два наврати беа оперирани шест пациенти со ретинални заболувања од страна на витрео-ретиналниот хирург д-р Лукан Мишев, од соседна Република Бугарија, а доктори од клиниката на одделот за ретина Доц. д-р Наташа Трпевска Шекеринов, Прим. д-р Газменд Мехмети и специјализант д-р Стефан Пандилов се едуцираа за овој тип хируршка интервенција кои во наредниот период ќе ги извршуваат ваквиот тип на операции на нашата клиника.

Системот за 3D визуелизација беше достапен за хирурзите на УКОБ, благодарение на нашата реномирана компанија Алкалоид КОНС која овозможи еден месечен „демо“ период за достапност на истиот.

Станува збор за примена на 3D технологија и изведување на оперативниот зафат-хирургија на макула без примена на окулари, а истовремено високо-резолуциски 3D прикажувања и значително подобра длабинска перцепција, што овозможува прецизна анализа на ретиналните структури и суптилно манипулирање во текот на интервенцијата.

Оперативниот тек преку live stream беше следен и од страна на останатите офталмолози и лекари на специјализација на клиниката, со што Универзитетската клиника за очни болести во Скопје уште еднаш го потврди својот статус како терциерен центар за современата офталмолошка наука и пракса, каде образованието и иновацијата се дел од секојдневната работа.

Посебно значаен момент беше и примената на интраоперативна флуоресцеинска ангиографија, што претставува новина во нашата клиничка пракса. Овој метод овозможува реална проценка на васкуларните промени од ретиналната циркулација, во самиот оперативен тек, во реално време.

– Изведувањето на овие сложени витреоретинални операции: прва примена на 3D технологија и интраоперативна флуоресцеинска ангиографија во нашата земја, како и воведувањето на “inverted flap” техниката кај макуларна дупка на нашата клиника; претставува исчекор во третманот на пациентите со ваков тип на заболувања и истовремено има значаен едукативен придонес кон усовршување на хируршките техники и имплементација на најсовремени технологии во офталмологијата кај нас – изјави директорката на УК за очни болести во Скопје, Доц. д-р Наташа Шекеринов.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk