Четиригодишно девојче смртно настрада по напад на питбул во германската сојузна покраина Саксонија-Анхалт. И покрај брзата интервенција на итните служби и обидите за реанимација, лекарите не успеале да ѝ го спасат животот. Трагедијата се случила во средата попладне во општината Остернинбургер Ланд, а околностите на нападот ги истражува полицијата.

Според пишувањето на германски „Билд“, полицијата ја примила дојавата нешто по 16 часот, кога сведок ги повикал итните служби и пријавил дека се случило нешто страшно. На местото на настанот веднаш пристигнале полицијата, брзата помош и лекар. По пристигнувањето на местото на несреќата, полицајците затекнале питбул кој, според официјалниот извештај, во тој момент веќе не претставувал непосредна опасност. Досегашната истрага покажува дека кучето претходно го нападнало четиригодишното девојче и му нанело кобни повреди.
Лекарите и работниците во итната помош се обидувале да го реанимираат детето, но и покрај сите напори, на девојчето му немало спас. Дежурниот лекар на крајот можел само да ја потврди смртта. Како што пишува „Билд“, девојчето и питбулот живееле во исто домаќинство. Сопственичка на кучето е 32-годишната мајка на девојчето, која на социјалните мрежи често објавувала фотографии со своето куче. Само една недела пред трагедијата, таа објавила нивна заедничка фотографија со порака: „Ти си сè за мене“ и емотикон со црвено срце.
Полицијата за „Билд“ потврдила дека кучето веќе не претставува опасност за јавноста. Животното е одземено и е сместено во установа за згрижување животни, додека понатамошните одлуки за неговата судбина ќе бидат донесени по завршувањето на истрагата. Поради тешката трагедија, на мајката на девојчето ѝ е обезбедена психолошка помош и поддршка од кризен тим.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата