logo
logo
logo

СВЕТСКИ РЕКОРД ЗА СНЕГ Оваа земја ги остави Русија и Канада зад себе

Vecer | 15.01.2026

СВЕТСКИ РЕКОРД ЗА СНЕГ Оваа земја ги остави Русија и Канада зад себе

Аомори во Јапонија се смета за град со најмногу снежни врнежи во светот – во главниот град на префектурата Аомори, на најголемиот јапонски остров, секоја година во просек паѓаат дури 7,9 метри снег.

Дали знаете дека Јапонија важи за најснежната земја во светот? Според одредени статистики на AccuWeather, дури три јапонски града со повеќе од 100.000 жители се наоѓаат на врвот на листата на најснежни места во светот и далеку ги надминуваат Канада, Русија, Норвешка и другите традиционално снежни дестинации.

Дебел снежен покривач ги прекрива улиците на Аомори од ноември до април секоја година – тротоарите се покриени со високи наноси од снег и мраз, кои стануваат сè повисоки додека снегочистачите минуваат за да ги расчистат патиштата.

Со огромни количини снег секоја година се соочува и Сапоро. Во најголемиот град на островот Хокаидо, во просек паѓаат 4,85 метри снег, па не е изненадување што токму тука се одржува познатиот зимски фестивал „Јуки Мацури“, на кој се изложени монументални скулптури од снег и мраз.

Големи количини снег паѓаат и во Тојама, на брегот на Јапонското Море, каде годишно во просек се регистрираат околу 3,6 метри снег.

Метеоролозите објаснуваат дека обилните снежни врнежи во Јапонија се резултат на уникатната комбинација од специфична клима, море и планински масиви. Студениот воздух од Сибир во текот на зимата се движи кон исток и минува над Јапонското Море. Бидејќи морето е потопло од воздухот, се создаваат облаци кои, при судир со планините, се ладат, а влагата се претвора во снег. Во овие области снегот знае да паѓа со денови без прекин.

Покрај сè, Јапонија го држи и светскиот рекорд за најголема измерена длабочина на снег. Дури 11,82 метри снег биле забележани на планината Ибуки во февруари 1927 година – рекорд што не е надминат речиси еден век.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk