Патниците на авион на компанијата Ер Конго (Air Congo) биле принудени да скокаат од леталото од висина од околу три метри за да го напуштат авионот на аеродромот Кинду во источен Конго, откако на пистата немало никаква опрема за излегување.
Инцидентот се случил на 19 декември, кога авионот од типот Боинг 737-800 без проблеми слетал, но патниците потоа со часови останале заробени во прегреаната кабина поради недостаток на подвижни скали, пренесува BFM TV.
Како што чекањето се одолжувало, дел од патниците ги отвориле вратите на авионот и самоиницијативно почнале да излегуваат, скокајќи на пистата.
На снимките што се појавија на социјалните мрежи се гледа дека аеродромското обезбедување и полицијата не реагирале, иако ваквиот постапок е целосно спротивен на правилата на цивилното воздухопловство.
Вратите на авионот се наоѓаат на висина од најмалку три метри, што претставува сериозен ризик од повреди.
Според прописите, во случај да нема скали за слегување, требало да се активираат евакуациските тобогани, но локалните медиуми наведуваат дека тоа не било направено од економски причини и поради задржување на авионот на земја.
Властите на Конго соопштиле дека не постоела итност што би го оправдала активирањето на тобоганите и дека патниците требало да почекаат да пристигне соодветната опрема.
Патниците тврдат дека повеќечасовното чекање било неподносливо.
„Се чувствувавме како да сме заборавени“, изјавил еден од патниците.
Во инцидентот немало повредени, но случајот повторно укажа на сериозни инфраструктурни и безбедносни пропусти на аеродромот во Кинду.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата