Агата Кристи беше блескава во тоа да се крие пред очите на сите.
Се претставуваше како срдачна постара дама во крзнено палто која сака градинарство, вкусна храна, семејство и кучиња, но зад таа пријатна надворешност уживаше во создавање заплети за бестселери полни со труење, предавство и крв.
И откри многу малку за тоа како функционира нејзиниот генијален ум.
Кристи беше хронично срамежлива, но во 1955 година беше убедена да даде редок интервју во нејзиниот лондонски стан за радио BBC.
Во него откри дека неконвенционалното детство ја разбудило нејзината имагинација, зошто пишувањето театарски комедии ѝ било полесно од пишувањето романи и дека можела да заврши книга за три месеци.
Родена како Агата Милер во богата фамилија во 1890 година, таа главно се школувала дома.
На прашањето зошто започнала да пишува, Кристи рече: „За сè сметам дека е заслужен фактот дека никогаш немав формално образование.“
„Можеби не би било лошо да се оградам, признавајќи дека на крајот отидов во училиште во Париз кога имав околу 16 години. Но дотогаш, освен малку учење математика дома, не посетував никакви часови.“
Кристи го опиша своето детство како „величествено досадно“, но имаше незаситлив апетит за читање.
„Бев доведена во ситуација да измислувам приказни и да глумам различни ликови во нив, а ништо не може да ве натера да пишувате како досадата.“
„Па, некаде кога имав 16-17 години, веќе напишав приличен број кратки приказни и еден долг, мрачен роман.“
Таа раскажа дека го завршила пишувањето на првиот објавен роман на 21 година.
По неколку одбивања, Таинствен настан во Стјулс беше објавен во 1920 година, првпат претставувајќи ја нејзината најпозната креација, Херкул Поаро.
Убиството со труење, кое го избрала за приказна, произлегло директно од нејзиното лично искуство за време на Првата светска војна.
Додека нејзиниот прв сопруг Арчи Кристи бил распореден на должност во Франција, таа работела волонтерски на домашниот фронт како медицинска сестра во болница за повредени војници.
Стана асистентка во болничката аптека, каде што се запозна со лекови и токсини.
Во нејзините приказни, отровот бил употребен во 41 убиство, обид за убиство и самоубиство.
Вообичаената формула на Агата Кристи започнува со затворен круг на осомничени од истата социјална класа и убиство со траги кои водат до кулминација.
Во центарот е приватен детектив, како Поаро или г-ца Марпл, кој ја расветлува мистеријата и ја открива вистината пред група луѓе во драматична завршница.
Оваа структура, добро позната, но бескрајно прилагодлива, е дел од тоа што го прави делото на Агата Кристи толку трајно.
Во 1926 година, таа ја објавила Убиството на Роџер Ејкројд, книга што ја зацврсти нејзината професионална репутација, и покрај тоа што таа година нејзиниот приватен живот минувал низ голема криза.
Умре нејзината сакана мајка, а Арчи ѝ призна дека се вљубил во друга жена.
Побарал развод.
Бидејќи се борела со тага и писателска блокада, сама Кристи стана предмет на мистерија.
Една студена декемвриска ноќ, нејзиниот урнат автомобил беше пронајден на оддалечено место во Сари, опасно наклонет над провалија над каменолом.
Полицијата го пронајде нејзиното палто и возачката дозвола во автомобилот, но од неа немаше ни трага ни глас.
Покрената е една од најголемите потраги за исчезната личност во Велика Британија.
Приказната имаше сите обележја на таблоидна сензација: позната писателка на криминални романи исчезна оставајќи низа збунувачки траги, оставајќи зад себе седумгодишно дете и привлечен сопруг во врска со помлада љубовница.
Во потрагата се вклучи дури и творецот на Шерлок Холмс, сер Артур Конан Дојл, ангажирајќи медиум да се поврзе со Агата преку една од нејзините ракавици.
Десет дена подоцна, таа беше пронајдена на 370 километри од местото на несреќата во хотел во Херогеит, во Северен Јоркшир.
Се појавија бројни теории: дали нејзиното исчезнување било последица на губење на меморијата, пресметан обид да го посрами сопругот или дури маркетинг трик?
Кристи избрала да не ја разјасни мистеријата во нејзината автобиографија, пишувајќи само: „И така, по болеста, следуваа тага, очај и скршено срце. Нема потреба да се задржуваме премногу на тоа.“
Беше исто така незаинтересирана кога станува збор за тајните на нејзиниот работен метод, велејќи за BBC во 1955 година: „Разочарувачката вистина е дека немам некој посебен метод.“
„Сите верзии ги куцам на стара, доверлива машина која ја имам веќе години и наоѓам дека диктафонот е корисен за кратки приказни или кога реорганизирам чин на театарска претстава, но не за многу покомплицирана работа на роман.“
Кристи се омажи во 1930 година за Макс Малован, археолог 14 години помлад од неа, шест месеци по запознавањето за време на патување во Ирак.
Покрај нивната заедничка страст кон древните култури, бројните патувања на овој пар по Блискиот Исток влијаеја на романи како Смрт на Нил, првпат објавен во 1937 година.
Новооткриената среќа на Кристи изгледа дека оставила длабок печат на нејзиното дело: во наредните девет години, таа напиша 17 цели романи.
За Кристи, главното задоволство во пишувањето произлегуваше од создавањето на генијални заплети.
„Мислам дека вистинската работа лежи во осмислувањето на заплетот на вашата приказна и решавањето на сите проблеми додека сè не излезе како што треба“, рече таа.
„Тоа може да трае. А потоа, кога имате целосен материјал, сè што ви останува е да се обидете да најдете време да ја напишете целата работа. Три месеци ми се сосема разумен период за завршување на книга, ако човек може веднаш да се фрли на работа.“
Во радио профилот од 1955 година, театарскиот продуцент сер Питер Сондрес, кој ја продуцирал нејзината театарска претстава Замка за глувци, која стана неочекуван хит, рече дека Кристи поседувала неверојатен дар за создавање целосно формирани сцени и приказни во својата глава.
„Еднаш ѝ реков: 'Како оди новата претстава?' 'Завршена е', ми одговори. Но кога ја прашав дали можам да ја прочитам, одговорот беше крајно љубезен: 'О, па не сум ја напишала уште.' Од нејзина гледна точка, делото било разрадено од почеток до крај до најситен детаљ. Пишувањето беше само физичка работа.“
Тоа гледиште го потврди основачот на Пингвин Букс, сер Алан Лејн, кој рече дека за 25 години блиско пријателство со неа никогаш не чул „клокоткање на нејзината пишувачка машина... и покрај запаѓачкото количество и квалитет што редовно го произведуваше.“
Рече дека, без разлика дали организирала секојдневен работен распоред во камп на експедиција во месопотамската пустина или плетела во вечерните часови, „додека правеше сè тоа, во нејзината глава се развиваше некој нов комад или роман на Агата Кристи.“
И додека Кристи веруваше дека книга може да се заврши за три месеци, таа рече дека за театарски комедии е подобро тие „да се напишат брзо“.
Во времето на BBC профилот од 1955 година, на лондонскиот Вест Енд се играа три нејзини комедии.
Замка за глувци веќе ги обараше сите рекорди на билетарниците, само три години по премиерата.
Комадот започна како радио драма на BBC под наслов Три слепи мишки, емитувана во 1947 година, во склоп на вечерни програми кои ја славеа 80-годишнината на кралицата Мери.
Пишувањето театарски комедии било „многу поинтересно од пишувањето книги“, изјави Кристи.
„Не треба да се занимавате со долги описи на места и луѓе или одлуки како да го распоредите материјалот“, рече таа.
„И треба да се пишува прилично брзо за да останете во посакуваното расположение и за разговорот да тече природно.“
Патот од стара книга до нов читател
Најдолго играна претстава во Велика Британија
Кристи присуствуваше на прославата на 21-годишнината од Замка за глувци во лондонскиот хотел Савој во 1973 година.
Присутен беше и оригиналниот главен актер Ричард Атенборо, кој предвидел „дека претставата може да се игра уште 21 година“.
Додаде: „Не би ја споредил со Катедралата Свети Павле, но Американците кога доаѓаат во Лондон сепак одлучуваат да одат да ја гледаат Замка за глувци.“
Станувајќи најдолго играна британска претстава во 1957 година, единственото што можеше да ја запре беше пандемијата Ковид 2020 година.
Во март 2025 година, се прослави 30.000-то изведување, а се игра и ден-денес.
Атенборо исто така беше интервјуиран во BBC профилот од 1955 година, каде рече дека Кристи била „последната личност на светот што би ја поврзале со злосторство, насилство или било што крволочно или драматично.“
Сумирајќи ја нејзината долготрајна мистерија, тој рече: „Не можевме да се помириме со фактот дека таа тивка, прецизна, достојна дама може да нѐ натера да се наежиме, да фасцинира луѓе од целиот свет со умешноста за создавање напнатост и дарот за создавање толку голема атмосфера на ужас на театарските сцени и на големото платно.“
И додека интервјуто на BBC со Агата Кристи ни дава фасцинантен увид во нејзините писателски методи – отсуство на строга техника, потпирање на имагинацијата, радост во создавањето на заплетот – енигмата за самата жена продолжува да живее.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата