За разлика од физичкото насилство, емоционалната манипулација во врските честопати се крие зад превезот на љубов, грижа или 'добронамерна' критика. Препознавањето на овие суптилни механизми на контрола е првиот и најважен чекор кон враќање на сопствената слобода и мир.
Што е емоционална злоупотреба?
Емоционалната злоупотреба е суптилен, често невидлив облик на насилство. Не остава модрици на кожата, но длабоко ранува однатре. Не станува збор за повремени расправии или лоши зборови, туку за систематски модел на однесување со кој другото лице ја нарушува самодовербата, внесува збунетост, презема контрола и емоционално го дестабилизира партнерот.
На почетокот сè може да изгледа идеално. Лицето е присутно, внимателно, понекогаш дури и го идеализира партнерот. Но, постепено во врската се појавуваат коментари како: „Замисли некој да те види вака облечена – како не ти е срам?“ или „Премногу си чувствителна, сè си измислуваш“.
Со текот на времето, личноста почнува да се сомнева во сопствената перцепција, го преиспитува секој свој збор и постапка, се обидува да угоди, да поправи – но ништо не е доволно добро. Бидејќи целта на емоционалната злоупотреба не е љубовта, туку моќта и контролата.
Тивки знаци кои не смееме да ги игнорираме
Емоционалната злоупотреба ретко доаѓа одеднаш. Се појавува постепено, често во облик на шега, добронамерен совет или тишина. Токму затоа е тешко да се препознае. Сепак, постојат обрасци што се повторуваат и кои јасно укажуваат дека односот не е здрав:
- Постојани критики и омаловажување – Партнерот го коментира изгледот, однесувањето, пријателите или мислењето. Често доаѓа со реченици како: „Пак претеруваш“ или „Ти ништо не разбираш“.
- Контрола врз времето и односите – Нерадо прифаќа дека партнерот има свој живот надвор од врската. Се лути кога личноста поминува време со пријателите или семејството. Често користи реченици како: „Зошто ти е поважно да бидеш со нив отколку со мене?“
- Игнорирање и прекинување на комуникацијата – По конфликт, партнерот со денови молчи, не одговара на пораки, емоционално се повлекува. Кога ќе го прашаат што се случува, одговара: „Ништо. Само ти продолжи“.
- Пасивна агресија и манипулација – Однесување кое остава впечаток дека личноста е виновна, дури и кога не е. На пример, партнерот саркастично коментира: „Ма не, сè е супер, само ти грижи се за себе“. Личноста се чувствува виновна, иако нема вистинска причина.
- Изолација – Постепено одвраќање од пријателите и семејството со коментари како: „Твоите никогаш не ми се допаднаа“. Личноста сè повеќе се повлекува од општествениот живот.
- Збунување на реалноста– Кога личноста ќе изрази дека нешто ја повредило, партнерот негира: „Тоа не си го разбрала добро. Никогаш не го кажав тоа“. Со тек на време личноста почнува да се сомнева во сопствените сеќавања и доживувања.
Корени на злоупотребата: психолошки профил и мотиви
Емоционалниот злоупотребувач не е секогаш лесно препознатлив – често изгледа шармантно, успешно и самоосигурно во јавноста, додека во приватноста на односот покажува контролирачко и манипулативно однесување. Зад таквата личност често се кријат длабоки внатрешни конфликти, ниска самодоверба, потреба за доминација, страв од ранливост или непреработени трауми од детството.
Злоупотребата не е израз на љубов, туку обид да се одржи чувството на моќ и надмоќ. Наместо да се соочат со своите несигурности, емоционалните злоупотребувачи ги проектираат врз партнерот – преку намалување на неговата вредност, обвинување, емоционална манипулација и создавање траен сомнеж во сопствената перцепција и чувства.
Може ли злоупотребувачот да се промени?
Промената е теоретски можна – но во пракса многу ретка. Емоционалните злоупотребувачи ретко го препознаваат своето однесување како проблем. Наместо тоа, склони се да ги обвинуваат другите, да ја негираат реалноста и да се претставуваат себеси како жртви.
За вистинска промена потребни се неколку клучни предуслови: длабока лична освестеност, волја за промена, преземање одговорност без оправдување и долготрајна психотерапија.
Важно е да се нагласи: не е твоја одговорност да го поправаш злоупотребувачот. Колку и да сакаш да веруваш дека ќе се промени – ако не покажува конкретни знаци на промена (не само ветувања), твоите емоции и безбедност остануваат загрозени. Вистинската промена доаѓа однатре – а додека не се случи, единственото нешто над кое имаш контрола е твојата одлука да се заштитиш себеси.
Прашања за самопреиспитување
Ако се препознаваш во некои од опишаните ситуации, застани и искрено запрашај се:
- Дали често се чувствувам збунето по разговорот со партнерот?
- Дали моето мислење е редовно омаловажувано, исмејувано или игнорирано?
- Дали престанав да ги правам работите што ме радуваат поради реакцијата на партнерот?
- Дали често се чувствувам виновно, иако не знам точно зошто?
- Дали се плашам да кажам што мислам бидејќи не знам како ќе реагира?
- Дали често мислам дека сум пречувствителна или дека претерувам?
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата