logo
logo
logo

Замрзнат во времето

ТАЈНАТА ЧУВАНА 30 ГОДИНИ - ДНК анализа ја откри вистината за замрзнатиот маж на Еверест!

Vecer | 02.07.2026

ТАЈНАТА ЧУВАНА 30 ГОДИНИ - ДНК анализа ја откри вистината за замрзнатиот маж на Еверест!

Идентитетот на непознатиот алпинист на Монт Еверест, кој со децении беше познат само под прекарот „Зелени чизми“, конечно е откриен по цели 30 години. Телото на овој качувач со години служеше како сабласен ориентир на највисоката планина во светот, останувајќи заглавено во лед откако мажот таму го изгуби својот живот. Прекарот го доби поради впечатливите зелени планинарски чизми кои со години ѕиркаа од снегот и мразот. Благодарение на споредба на ДНК, сега е утврдено дека всушност станува збор за 47-годишниот индиски алпинист Дорје Моруп. Изминатите три децении, многумина веруваа дека телото му припаѓа на друг индиски качувач, 28-годишниот Цеванг Палџор. Индо-тибетската гранична полиција го потврди идентитетот на Дорје непосредно пред почетокот на обидот за извлекување на неговите посмртни останки од озлогласената „зона на смртта“. Телото во моментов се наоѓа замрзнато на висина поголема од 8.000 метра, пишува The Sun.

Официјалните лица планираат да ангажираат високопланински спасувачки тим кој подоцна во текот на ова лето треба да се обиде да ја изведе оваа исклучително опасна операција за извлекување од тибетската страна на планината. Моруп беше дел од шестчлената експедиција на граничната полиција која на 10 мај 1996 година се обиде да го освои Еверест преку северната страна. Но, кога тимот во близина на самиот врв го зафати силна меќава, тројца алпинисти одлучија да се вратат назад. Дорје, сепак, го продолжи качувањето заедно со Цеванг Палџор и Цеванг Саманла. Сите тројца подоцна загинаа на планината, а истата година во познатата катастрофа на Еверест животот го загубија уште осум други качувачи. Според записите на експедицијата, тројцата алпинисти му се јавиле на водителот на тимот околу 15 часот и 45 минути по непалско време и известиле дека стигнале до врвот. Сепак, подоцнежните извештаи укажуваа дека слабата видливост можеби ја отежнала потврдата на нивната точна локација, па постои можност тие всушност да останале на околу 130 метри под снежната капа на врвот.

Набрзо временските услови нагло се влошиле. На планината се појавиле застрашувачки ветрови, температурите паднале драстично, а видливоста се намалила речиси на нула. Членовите на експедицијата кои биле пониско на планината наводно виделе две челни светилки над таканаречениот Втор Степник, на висина од околу 8.500 метри. Тоа бил последниот пат кога тројцата биле видени живи бидејќи никогаш повеќе не се вратиле во висинскиот камп. Извлекувањето на телата од толку екстремни висини се смета за натчовечки напор и огромна опасност, поради што телото на Дорје беше оставено таму каде што почина. Снегот и мразот го зачуваа со децении. Неговото тело се наоѓа во едно мало вдлабнување кое наликува на пештера, склучено на бок, како во последните моменти од животот очајнички да се обидувал да најде каков било заклон од немилосрдниот планински пекол.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk