Како дел од образовната политика на гувернерот Рон де Сантис, властите во Флорида донесоа одлука со која социологијата ја губи со својот статус на задолжителен предмет на јавните универзитети. Овој потег предизвика бура реакции кај професорите и синдикатите, кои го опишаа процесот како директен напад врз академската слобода, пишува „People“.
Одлуката беше донесена на состанокот на Одборот на гувернери на Државниот универзитетски систем на Флорида. Канцеларот Реј Родригез, образложувајќи ја препораката, упати остри критики кон самата дисциплина.
„Ние не ја убивме социологијата. Социологијата изврши самоубиство“, изјави Родригез пред одборот.
Според него, оваа наука веќе не е чисто академска дисциплина, туку се претворила во „социјален и политички активизам маскиран во академска форма“. Родригез истакна дека неговиот тим не забележал слични проблеми во другите општествени науки, како историјата или политичките науки.
Канцеларот се осврна и на притисокот од медиумите, тврдејќи дека тие поставиле „лажен избор“ пред одборот: или да се почитува државниот закон и да се наруши академската слобода, или обратно. Тој ги повика членовите на одборот да го отфрлат таквиот став и да ја прифатат новата насока на државниот систем.
Одлуката доаѓа по силниот отпор од академската заедница. Професорите по социологија претходно алармираа дека новите наставни материјали се „ослабена верзија“ на дисциплината и дека наметнатите насоки се навреда за професијата. Родригес цитираше и дел од изјавите на незадоволните професори, како онаа на Вилијам Марсилио од Универзитетот во Флорида, кој изјави дека никогаш во неговата кариера администрацијата не вршела таков притисок врз начинот на предавање.
Што значи ова за студентите?
Новото правило не значи целосна забрана на предметот. Социологијата и понатаму ќе постои во академскиот систем, но со следните ограничувања:
Изборен предмет: Студентите можат да ја изберат социологијата како изборен предмет доколку сакаат.
Студии по социологија: Студентите кои се запишани конкретно на оваа насока ќе продолжат со својата програма.
Крај на задолжителноста: 12-те јавни универзитети во Флорида повеќе нема да смеат да ја бараат социологијата како задолжителен дел од општото образование за сите студенти.
Овој потег е само последен во низата реформи на гувернерот Де Сантис, кои имаат за цел да го променат начинот на кој се предаваат општествените науки на државните високообразовни установи во Флорида.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата