logo
logo
logo

МИСТЕРИЈА РЕШЕНА ПО 70 ГОДИНИ - ДНК ја открива вистината за исчезнатото семејство

Vecer | 23.04.2026

МИСТЕРИЈА РЕШЕНА ПО 70 ГОДИНИ - ДНК ја открива вистината за исчезнатото семејство

Речиси седум децении старата мистерија за исчезнувањето на американското семејство Мартин конечно е разрешена. Семејството исчезна во декември 1958 година додека биле на излет за да купат божиќна елка, случај кој со децении ги збунуваше истражителите и јавноста. Тогашната потрага заврши трагично само неколку месеци подоцна кога беа пронајдени телата на двете помлади ќерки, но судбината на остатокот од семејството остана непозната до денес.

Сега, по долготрајна истрага, официјално се идентификувани посмртните остатоци на родителите Кенет и Барбара, како и на нивната најстара ќерка Барби Мартин. Нивните остатоци се пронајдени во реката Колумбија, во сојузната држава Орегон, со што шерифот на округот Худ Ривер и официјално го затвори случајот. И покрај бројните шпекулации за криминал низ годините, властите заклучија дека нема конкретни докази за убиство и дека најверојатно станува збор за несреќа, пишува „Мирор“.

Клучниот пресврт во истрагата се случи во 2024 година, кога независниот истражувач Арчер Мајо во реката Колумбија пронајде стар Форд караван, за кој се веруваше дека му припаѓал на семејството. По ова откритие, канцеларијата на медицинскиот истражувач во Орегон зеде ДНК примероци од пронајдените коски и ги спореди со примероци од живите роднини на семејството Мартин.

„Идентификацијата е резултат на долготрајна заедничка работа, научна соработка и напредок во форензичката генетска генеалогија“, соопштија од канцеларијата на медицинскиот истражувач.

Во процесот учествуваше и специјализираната лабораторија „Othram Inc.“, позната по решавање на застарени случаи. Оттаму изјавија дека се горди што помогнале да се донесе каков-таков мир за преживеаните роднини и за заедницата која со децении го памети овој случај.

Семејството Мартин исчезна на 9 декември 1958 година. Бидејќи родителите не се појавиле на работа, веднаш била покрената потрага. Истражителите уште тогаш се сомневаа дека автомобилот излетал од патот и завршил во реката. Иако во 1959 година обдукцијата кај едно од девојчињата сугерираше можна рана од куршум, поради состојбата на телата тоа никогаш не беше потврдено. Ниту еден осомничен не беше именуван во текот на изминатите 66 години.

Со оваа идентификација, приказната за семејството Мартин конечно добива последно поглавје, иако деталите за тоа што точно се случувало во автомобилот таа зимска вечер веројатно засекогаш ќе останат тајна.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk