logo
logo
logo

Вечер Тема

Голи оток. Идеолошки судења од улица и тајна полиција во кои нема ослободителни пресуди

Vecer | 23.08.2019

Голи оток. Идеолошки судења од улица и тајна полиција во кои нема ослободителни пресуди

Во метафорите за политичките прогони, затвори без формална пресуда, пресуди каде 100 проценти од сомнителните се прогласени и за виновни... се споменува поимот информбировци и Информбиро и тој модел како систем на политичко уништување на неистомислениците. Што е, накусо тоа?

Југославија по НОВ била дел од комунистичкиот блок предводен од Советски Сојуз и Јосиф В. Сталин. Најголем дел од партизанските лидери, почнувајќи од Тито, па понатаму, биле школувани во, или под надзор на Москва, и биле дел од мрежата на советската тајна полиција НКВД (КГБ). Во тие години Москва за комунистичкиот дел од светот (меѓу кои и Југославија) била тоа што денес за Европа е Брисел, клучен политички фактор и "меѓународна заедница".

За тоа време се изградиле меѓусебни односи, хиерархија на командување според која Сталин секогаш бил врховен командант и на советските, но и на бугарските, романските... секако, и југословенските комунисти. 1946/47 Советскиот Сојуз сака да воспостави централизирана економска и политичка власт врз сите држави со комунистички политички систем, меѓу кои и Југославија. Меѓу останатото, Сталин се повикува и на аргументот дека советската Црвена армија ја ослободила Југославија од фашистичката окупација. Според тоа на Сталин, како централен лидер со ослободителна Армија, му припаѓа и правото на челни места да поставува луѓе под контрола на Москва.

Но, за Тито тоа е поткопување на митот за него како ослободител и обединител на Југославија, а истовремено и премногу откажување од државната власт која веќе ја обезбедил за себе.

Се случува конфликт.

На 28 јуни 1948 во Букурешт се состанува Информбирото (ИБ) на работничките и комунистичките партии, и се донесува Резолуција на Информбирото за состојбите во КПЈ, со која се заклучува дека КПЈ дејствува спротивно на заедничките принципи и се самоисклучува од ИБ. Притоа, со Резолуцијата, се повикуваат сите здрави членови на КПЈ да преземат мерки против Тито, и предавничкото, буржоаско, раководство на КПЈ.

Наредниот ден, на 30 јули 1948 година, весникот Борба ја објавува Резолуцијата во целост. Петтиот конгрес на КПЈ ја оценува како повик на преврат, и мешање во внатрешните работи на Југославија. Резолуцијата се одбива, а граѓаните се повикуваат на единство.

Повеќето североисточни соседи на Југославија се земји кои тогаш биле во состав на Советскиот компактен блок: Романија, Унгарија, Бугарија и Албанија... ја осудуваат Југославија и преземаат политички мерки против неа. Во тие притисоци страда и Македонија.

На 16. Пленум на ЦК КП на Бугарија, од 12/13 јули 1948, се донесува Решение со кое Бугарија не го признава македонскиот јазик и државата Македонија, сметајќи го народот за бугарски. Во согласност со тоа, не се признава ни македонско малцинство во Пиринска Македонија. Веднаш потоа следува отпуштање на македонски кадар од државните институции, особено учителите Македонци низ Пиринска Македонија.

Повеќето Македонци, учесници на бугарското антифашистичко движење, кои тогаш се наоѓале на некоја функција, се сменети и репресирани, како: Георги Мадолев, Иван Масларов, Крсто Стојчев, Асен Чакарџиев... Последниов, за да го заштити животот и интегритетот, е принуден да го смени презимето во Кожухаров, и јавно да изјави дека помислата за неговото македонско потекло била младешка заблуда.

Во времето на Резолуцијата на ИБ, и повикот за лојалност кон Москва и советските комунисти, неколкумина македонски функционери, но и комунистички уметници, изјавуваат дека ја прифаќаат Резолуцијата, дека се лојални на Москва и Сталин, и пребегуваат во Софија, критикувајќи го македонското раководство оттаму. Некои од нив за обезбедување општествен статус прифаќаат и изјаснување за Бугари. Децении потоа, по падот на Тодор Живков во Бугарија, тие ќе тврдат дека пребегале поради репресии од македонските комунисти.

Но, во однос на другите републики, колебањето по прашањето дали Сталин, или Тито... дали да се даде предност на Нацијата во однос на Партијата, меѓу Македонците биле помали. Со посебен министерски извештај на Александар Ранковиќ до Тито, од септември 1948, се вели дека Колишевски во Македонија ја држи ситуацијата под контрола, и дека УДБА нема сознанија за масовни појави на поддршка на Резолуцијата, ниту за организирани групи во врвот на Партијата и Армијата.

Тито за најголема опасност ги сметал кадрите кои потекнуваат од московската НКВД школа, а такви во Македонија имало малкумина.

Од друга страна, иако меѓу Македонците имало најмалку информбировци во однос на другите народи, застапеноста на Македонци во безбедносните структури на КОС била приближно еднаква на вкупната застапеност во заедницата, што не е случај со Црногорците кои биле присутни во КОС повеќе од десет пати во однос нивната застапеност во Југославија!

Според податоците на Лексиконот за Воена безбедност во 1945/50 од вработените во КОС - 47,5% биле Срби, 21,5% Хрвати, 15% Црногорци, 7,5% Словенци, 6,5% Македонци и 2,5% други националности.

Како и ТитоКОС особено бил претпазлив кон воениот, офицерски кадар кој се школувал во НКВД, односно Москва. Во акцијиите на КОС најмногу настрадале црногорските, но по нив и српските генерали, меѓу кои има и партизански легенди. Генералот Перо Попивода го уапсила УДБА веднаш. Генералите Арсо Јовановиќ и Владо Дапчевиќ бегаат во соседна Романија, кај тамошните комунисти. Киднапирани се и вратени назад, а според изјави на затвореници од Голи Оток, генерал Арсо Јовановиќ бил ликвидиран лично од началникот на КОС, Шашиќ.

КОС бил особено суров кон генералите од ЈНА кои се товареле за информбировска дејност. Нив ги испраќале во затворот во Стара Градишка, каде биле на робија заедно со усташите осудени по НОВ. И со едните и со другите се постапувало подеднакво.

Офицерот Љубо Микиќ, уапсен од КОС и осуден за ИБ, по дваесет години истражувања објавува документи за прогонот на КОС меѓу офицерскиот и партизански кадар по основ на стравот дека меѓу нив е најголемата опасност за Тито и поддршка на Информбирото.

Со формални судски одлуки (не сметајќи ги специјалните притворски постапки на КОС без судење), за дејствија врзани за Резолуцијата на ИБ во Југославија се осудени - 55.663 лица. Службено, 16.101 од нив во периодот 1949-1956 биле на робија на Голи оток. Ефикасноста на судот била фрапантна: сите осомничени и обвинети - се и осудени! Се што УДБА осомничила, а обвинителот обвинил, без исклучик - е и осудено. Пресудите се за одредено време кое ќе се проведе на "општествено корисна работа", што би се рекло по својот карактер тие се прекршочни а не кривични, а се одело на тешка робија и до пет години со смртни последици за многумина.

Меѓу осудените имало и врвни партиски, воени и државни кадри: 12 учесници на Октомвриската револуција, 36 шпански борци, 23 сојузни и републички министри, двајца претседатели и двајца потпретседатели на републички Влади, 36 сојузни пратеници, 21.880 учесници на НОБ, 1.673 првоборци, носители на Партизанска споменица, 1.722 полицајци, 2.600 воени лица. Од осудените61% се Срби14% се Црногорци11% Хрвати5% Словенци... и 4% Македонци. Се судело за се, па малку е познато дека 5 години тешка робија на Голи оток поминал и ромската пејачка легенда Шабан Бајрамовиќ кој немал никакви познавања и ставови за политиката но, на погрешно место пред агентите на УДБА решил да пее руски цигански песни. Доволно за пет години на Голи оток.

Прогонот по идеолошка и партиска линија во 1948/56. бил една од најтешките трауми на овие простори. Брат кој гонел брат, како кај врвните генерали Дапчевиќ; се кодошеле луѓе од приватни причини а за наводни ИБ активности кои се и апсени и никој потоа ги нема ни осудено но, ни видено... Убедувањата на оние што гонеле и апселе, КОС и УДБА,се со митолошки размери. Се за Партијата и државниот интерес!

Генералот Јово Капичиќ, некогашен партизан и висок офицер на КОС и раководител на казнениот логор Голи оток молчеше со децении, и за прв пат јавно проговори пред девет години како гостин на белградската Телевизија БК. Во емисијата "Клопка", панел дискусија за референдумот за црногорска независност, Капичиќ влезе во расправа со еден од гостите осуден своевремено на затворска казна издржувана на Голи Оток.

- Сите тие беа шпиони и непријатели, изјави генерал Јово Капичиќ, и добро е што ги апсевме и затворавме. Би го направил истото и денес. Тоа беше државен интерес!

Јово Капичиќ во тоа време, од 1948 до 1950, немал никакви формални, правни овластувања да апси и суди но, и според документите на КОС како и според сопственото признание, го правел тоа. Јово Капичиќ на таа панел дискусија беше за независна Црна Гора. Токму за таквите ставови на други лица Капичиќ некогаш апсеше и со години држеше во затворот на Голи оток луѓе со, или без формална судска одлука.

Нов пример: Јосип Манолиќ, и неговиот пат од офицер на КОС до офицер на ХДЗ и Фрањо Туѓман, и организирање воени дејствија против Армијата на која и служел, и во име на која вршел идеолошки и политички прогони.

Хрватското обвинителство пред судот во Загреб по војната во Хрватска, ќе покрене обвинение против Тихомир Орешковиќ и четворица други Хрвати дека извршиле убиства врз Срби во Госпиќ.

Сведок за тие судења и убиства ќе биде Јосип Манолиќ, некогашен офицер на КОС и УДБА, а во 1991 шеф на службата за безбедност на хрватскиот претседател Фрањо Туѓман, Според извештајот на ВОА (Глас на Америка) од тој процес, Јосип Манолиќ потврдил дека навистина во 1991 се убиени 24 Срби во таа прилика во Госпиќ, дека тој како шеф на Службата за безбедност го знаел тоа но, не можел да го спречи бидејќи, најпосле, таквата акција за спречување на убиствата во тоа време би била спротивна на државниот интерес на Хрватска!

Тоа е моделот на комунизмот: кога е државниот интерес (?) во прашање дозволени се сите методи, од апсења, монтирани судења за се, вклучително и убиства.

Патем, државниот интерес за кои зборуваат генералот Јово Капичиќ како шеф на казнениот логор Голи оток, или офицерот на КОС и УДБА Јосип Манолиќ за етничките чистења на Србите во Хрватска во 1991, не е утврден со ниту еден закон на тогашна Југославија или самостојната Хрватска.

Државниот интерес, согласно своите интереси, го прогласувала мала политичка група од врвот на власта, а потоа давала налог на полицијата и судовите како тој неформален интерес на властите да се спроведе преку дејствија на полицијата и судовите. Кодот на комунистите во нивниот пристап кон политиката која ги загрозува интересите на една власт и групата која владее, е модел кој опстанува. И тој модел е исто така "државен интерес" сам по себе.

Vecer.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk