Возилата со бензински и дизел мотори ќе бидат поскапи поради покомплексниот издувен систем потребен за исполнување на стандардите Еуро 7.
На среден рок, групацијата Фолксваген повеќе не ги гледа автомобилите со мотори со внатрешно согорување како остварлива алтернатива на електричните возила. Новиот шеф, Томас Шафер, очекува значително зголемување на цените на возилата како резултат на планираниот стандард за издувни гасови Еуро 7, објави Welt am Sonntag.
Така, автомобилите со бензин и дизел ќе бидат поскапи од 3.000 до 5.000 евра поради покомплексниот систем за издувни гасови, рече Шафер и додаде:
„Кај помалите автомобили, овие дополнителни трошоци тешко може да се неутрализираат“.
Ако се обидеме зборовите на првиот човек на Фолксваген да ги преточиме во цени, основното Поло би чинело 22 или 23 илјади евра во 2025 година (кога се планира воведување на нормата Еуро 7), па едноставно не е одржлив и нема смисла.
Сепак, доаѓа замена на струја. Шафер нагласи дека до 2025 година, групацијата VW сака на пазарот да лансира четири електрични модели на мали автомобили.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата