Првиот директор на М-НАВ го промашија, за некој час набрзина предложија друг, чиј пак, главен адут во биографијата е што му е прв сосед на вечниот лидер на ДУИ Али Ахмети, јавува ТВ Алфа.
Премиерот Ковачевски се правда – не знаел дали Хекуран Асани бил во роднински врски со неговиот коалиционен партнер, ама затоа многу добро знаел дека во контролата за летање имало вработено роднини на синдикалните лидери.
Како за ДУИ, така и за него, тоа всушност било причината за кавгите и инцидентот со кои се наруши безедноста на македонското небо.
„Таа фирма е станата како семејна фирма бидејќи кога ќе погледнете таму има до трето колено вработувани. Кога ќе видите, претседател на синдикат татко му работел таму, тој таму работи, брат му работи таму. На крај тие станале како семејство во коешто имаат конфликти кои обично се случуваат по дома. Не знам чиј внук е, 25 години е контролор на летање, така што…“ вели Ковачевски.
За премиерот не било комично тоа што прво предложија еден кандидат, Илир Мехмеди, кој освен што си ја шетал сопругата во Мадрид на државна сметка, не ги исполнувал основните услови да биде директор, факт за кој никој од министерскиот состав немал поим, и тоа го дознаа од медиумите.
За разлика од владата, Европската Унија гледа дека политиката вмешала прсти во контролата за летање и дека инцидентот не бил обична кавга меѓу колеги или роднини.
Амбасадорот Дејвид Гир ги потсети властите дека роднинските и партиските врски не треба да бидат карта за напредок во кариера, и побара добро да се истражат сите политички влијанија во М-НАВ.
„Тука се вклучува гарантирањето на независноста на телото кое е одговорно за воздухопловата навигација а второто се однесува во поглед на регрутирањето и ангажирањето дека се исполнети правните прашања и дека човечките ресурси се користат на начин кој што ќе ја гарантира безбедноста и ефикасноста на самата служба за навигација. Кога станува збор за различните тврдења во поглед на надворешните политички влијанија ги повикуваме властите да ги истражат и да дејствуваат. Кога станува збор за тврдењата во поглед на влегувањето во зградата, заканите и насилството, тоа се прашања кои треба да бидат истражени и доколку постои загриженост треба да се реагира за тоа“ – порача евроамбасадорот.
Дека не станува збор за толку бенигнен настан, потврди и министерката за одбрана Славјанка Петровска која вели за инцидентот имало реакција од НАТО, кое меѓу другото, треба да се грижи за безбедноста на воздушниот простор на своја земја членка. Имено, дента кога се случил упадот, на скопскиот аеродром слетале два авиони на Алијансата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата