Податоците на Светскиот совет за злато (World Gold Council) покажуваат дека Србија има најголеми резерви на злато меѓу земјите од регионот. Второто место на Балканот го зазема Северна Македонија.
Според овие податоци, Србија со 38,1 тони златни прачки е водечка земја во регионот по количината на овој благороден метал депониран во трезорите на Народната банка на Србија.
На второ место на Балканот е Северна Македонија со 6,9 тони златни резерви, Словенија со 3,2 тони, Босна и Херцеговина со 3 тони злато и Црна Гора со 1,09 тони, додека Хрватска нема резерви во злато, бидејќи има продадено повеќе во 2001 година, пренесува Еуроњуз Србија.
Србија денес има двојно повеќе злато од пред десет години, додека вредноста на девизните резерви во овој благороден метал во тој период е зголемена за повеќе од три пати. Според податоците на Народната банка на Србија, во нивните трезори се чуваат 38,1 тони злато, додека во 2012 година имало 15,3 тони.
Според податоците објавени на веб-страницата на Народната банка, на крајот на септември 2020 година, официјалните девизни резерви на Република Северна Македонија изнесуваат 3.480,2 милиона евра. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (76,3%), по што следуваат валутите и депозитите (13,5%) и монетарното злато (10,2%).
Од друга страна, некои земји во регионот речиси и воопшто да немаат девизни резерви на злато. Дел од нив го користеа своето злато како гаранција за позајмици и кредити.
Хрватска ги продаде своите последни резерви на злато во 2005 година и заработи вкупно 146 милиони долари. Доколку ги зачувале златните резерви, по моменталните рекордни цени на златото, би заработиле 710 милиони долари.
Златото претставува мошне важен дел од девизните резерви затоа што историски се карактеризира како „сигурна актива“, а неговата улога особено доаѓа до израз во периодите на изразени неизвесности, на какви што сме сведоци денес - во амбиент на геополитички тензии во Украина, енергетска криза и глобален раст на инфлацијата. Покрај тоа, на оваа форма на средства е потешко да се влијае преку политиките за каматни стапки на различни монетарни власти, додека обично служи како форма на заштита од инфлација на долг рок.
Кои земји имаат најмногу злато?
World Gold Council објави истражување меѓу централните банки чии резултати покажуваат дека финансиските институции и понатаму позитивно гледаат на златото како на резервна актива. Тие укажуваат дека уделот на испитаниците од централната банка кои имаат намера да ги зголемат своите златни резерви се зголемува секоја година. Втора година ниту една банка нема намера да ја намали количината на своето злато, а од друга страна, дури 25 отсто од испитаниците велат дека планираат да ги зголемат резервите во злато, наспроти 21 отсто лани.
Централните банки се пооптимисти за златото како резервно средство во 2022 година, при што 61 процент од испитаниците изјавиле дека очекуваат глобалните златни резерви да се зголемат во следните 12 месеци.
Убедливо најголеми резерви на злато имаат САД, кои официјално моментално имаат 8.133 тони злато. Во златни прачки најмногу инвестираат Германија, Франција, Италија и Русија. Кина, Индија и Холандија се, исто така, на врвот на рангирањето на земји според резервите.
На почетокот на руската инвазија на Украина, руската централна банка објави дека целото злато во златните и девизните резерви на земјата се наоѓа во нејзините трезори на територијата на Русија.
„Златните и девизните резерви се инструмент со кој Банката на Русија може да ја заштити економијата од надворешни кризи. Во тешки околности, овие резерви обезбедуваат отплата на девизниот долг, плаќање на клучниот увоз и стабилизација на девизниот пазар“, објави Централната банка на Русија, а пренесе Тасс.
Според економските експерти и банкарските аналитичари, златото е најдобрата и најбезбедната инвестиција, особено во турбулентни времиња во целиот свет поради руско-украинскиот конфликт.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата