Големопродажната цена на шпанското екстра девствено маслиново масло достигна историски максимум во вторникот, над 8.200 евра за метрички тон.
Според податоците на шпанското Министерство за земјоделство, Шпанија во сезоната 2022/23 произведе околу 662.000 тони маслиново масло, што е пад од 54 отсто во однос на четиригодишниот просек на производство.
Земјоделците велат дека голем дел од штетите веќе се направени на родот 2023/24. Андалузија, од каде што потекнува најголемиот дел од маслиновото масло во Шпанија, се уште се бори поради сушата. Во најдобар случај, нашето производство ќе биде исто како и минатата сезона, посочуваат земјоделците.
Драматичната ситуација на пазарот на маслиново масло ги шокираше потрошувачите со нагло зголемување на малопродажните цени за нешто повеќе од една година. Стандарден литар што чинеше околу пет евра сега е околу 10 евра.
Во земја каде што храната во голема мера зависи од висококвалитетното маслиново масло, потрошувачката на маслиново масло паднала за 51 отсто во првата половина од годината, покажуваат податоците на Универзитетот во Хаен.
Шпанските владини претставници велат дека ефектите од жештината и сушата ја покажуваат важноста за справување со климатските промени и преминување кон поодржливи практики.
Минатата година беше најтоплата година досега во Шпанија. Овие години, исто така, беа забележани екстремни горештини, при што пролетта 2023 година беше најжешката и најсувата досега, а јули четвртиот најтопол месец во Андалузија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата