Сопственикот на платформата Х, Илон Маск, реши да организира аукција на предмети поврзани со минатото на оваа компанија, која долги години беше позната како Твитер.
На аукцијата се понудени 584 артикли, а меѓу нив се и знакот кој некогаш висеше на зградата на оваа компанија, како и масички за кафе, огромни кафези за птици или слики во масло, пренесува BBC.
Еден од знаците на Твитер со познатото лого на сината птица сè уште е прикачен на зградата на компанијата во Сан Франциско, но и тој е ставен на аукција. Понудата вклучува и десетици маси и столови, штанд за диџеј и доволно музички инструменти за опремување на бенд.
Аукцијата се вика „Ребрендирање на Твитер: Онлајн аукција на сувенири, уметност, канцелариски материјали и повеќе!“
На аукцијата ќе бидат вклучени и две слики во масло од фотографии кои станаа познати на Твитер.
Првото е селфито на актерката Елен Деџенерис на Оскарите во 2014 година, на кое се прикажани многу холивудски ѕвезди како Бредли Купер, Мерил Стрип, Кевин Спејси или Џенифер Лоренс.
Втората е фотографија на поранешниот американски претседател Барак Обама кога беше реизбран на оваа функција во ноември 2012 година, а на неа ја прегрнува сопругата Мишел.
Аукцијата започнува на 12 септември, а завршува два дена подоцна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата