Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, објави дека ќе го потроши поголемиот дел од своето богатство за подобрување на здравствените и образовните услуги во Африка во следните 20 години.
Во говорот во седиштето на Африканската унија во Адис Абеба, Гејтс рече дека „со ослободување на човечкиот потенцијал преку здравството и образованието, секоја земја во Африка треба да биде на патот кон просперитет“, објави Би-Би-Си.
Тој, исто така, ги повика младите иноватори во Африка да размислат како да изградат вештачка интелигенција (ВИ) за да го подобрат здравството на континентот.
Гејтс минатиот месец објави дека ќе подари 99 проценти од своето огромно богатство, кое очекува да достигне 200 милијарди долари (174,8 милијарди евра) до 2045 година, кога неговата фондација планира да се затвори.
„Неодамна се обврзав да го подарим моето богатство во следните 20 години. Поголемиот дел од тие средства ќе бидат искористени за да се помогне во решавањето на предизвиците овде во Африка“, рече Гејтс.
Поранешната прва дама на Мозамбик, Граса Махел, го поздрави неговото соопштение, велејќи дека тоа се случило во „момент на криза“.
„Сметаме на непоколебливата посветеност на г-дин Гејтс да продолжи да оди по овој пат на трансформација со нас“, рече Машел.
Гејтс рече дека неговата фондација, која има долга историја на работа во Африка, ќе се фокусира на подобрување на примарната здравствена заштита.
Во порака до младите иноватори, технолошкиот милијардер истакна дека мобилните телефони го револуционизираа банкарството во Африка и додаде дека вештачката интелигенција сега треба да се користи во корист на континентот.
„Африка во голема мера го прескокна традиционалното банкарство, а сега имате можност, додека ги градите вашите здравствени системи од следната генерација, да размислите како вештачката интелигенција е вградена во тоа“, рече Гејтс.
Фондацијата Гејтс соопшти дека има три приоритети: искоренување на смртните случаи кај мајките и доенчињата што може да се спречат, обезбедување следната генерација да расте без смртоносни заразни болести и извлекување на милиони луѓе од сиромаштија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата