Заработиле дури 136.671 евра по продадено возило. Студијата, заснована на официјални финансиски извештаи од 30-те најголеми автомобилски компании во светот и податоци од „Џато Дајнамикс“, го става „Ферари“ на врвот кога станува збор за профитабилност.
Италијанскиот бренд остварил оперативен профит од 1,88 милијарди евра, со вкупни приходи од 6,68 милијарди евра. Ферари заработиле дури 136.671 евра по продадено возило, што е за 16% повеќе во однос на претходната година.
Сепак, вистинското изненадување кога станува збор за профитабилност го претставува Сузики. Јапонската компанија се искачи на третото место, веднаш зад Порше, благодарение на значителното зголемување на оперативната маржа - од 8,48% во 2023 година на 10,30% во 2024 година.
Овој успех покажува дека производителите на автомобили за масовен пазар исто така можат да остварат значителен профит.
На спротивната страна од скалата, „Стелантис“ забележа драстичен пад на профитабилноста. Оперативната маржа на автомобилскиот гигант падна од 11,81% на само 2,35%, што резултираше со заработка од само 656 евра по продаден автомобил - 82% помалку отколку во 2023 година.
Покрај „Стелантис“, „Порше“, „БМВ груп“, „Мерцедес-Бенц“ и „Нисан“ исто така забележаа пад на оперативните маржи во текот на изминатата година.
Овој извештај ја истакнува зголемената комплексност на автомобилскиот пазар, каде што стратегијата за одредување цени и управувањето со трошоците се клучни фактори за опстанок и успех.
Ферари е лидер благодарение на својата исклучителна профитабилност, далеку надминувајќи ги своите директни конкуренти кога станува збор за заработка по продаден автомобил.
Зад италијанскиот производител, Порше го држи стабилното второ место. Мерцедес-Бенц и БМВ, иако со високи маржи, бележат помала добивка по возило, слично како и Тесла.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата