Суд во Амстердам го заплени имотот на South Stream Transport (SST) од Холандија, која управува со гасоводот „Турски тек“ и е во сопственост на рускиот „Гаспром“.
Одлуката е донесена на барање на украинската енергетска компанија ДТЕК Крименерго, во сопственост на олигархот Ринат Ахметов.
Уште во ноември 2023 година, арбитражен суд во Хаг ѝ наложи на Русија да ѝ плати на таа компанија 207,8 милиони долари отштета за конфискација на имот на Крим. Русија ја оспори таа одлука.
Во јули 2025 година, судот во Амстердам, како обезбедување за ова барање, го блокираше имотот на SST на сметките во холандската банка ABN Amro. DTEK верува дека SST може да се смета за продолжена рака на руската држава, објавува „Комерсант“.
Адвокатот на SST ги оцени овие тврдења како неосновани и побара поништување на заплената, но судот ја отфрли жалбата на компанијата во август, наведувајќи дека SST не докажала дека заплената ѝ предизвикува сериозна штета. На компанијата ѝ беше наредено и да плати 1.999 евра судски трошоци на ДТЕК.
Во меѓувреме, Високиот суд во Лондон во мај ѝ дозволи на Русија привремено да не ја плати споменатата отштета додека трае жалбата пред судот во Хаг.
Пред руската анексија на Крим во 2014 година, групацијата ДТЕК на Ахметов беше најголем акционер во Крименерго, со 57,49 проценти удел, која снабдуваше електрична енергија на полуостровот.
Во 2015 година, Кримскиот државен совет ја национализираше таа компанија, а во 2017 година, на територијата на републиката беше основана нова компанија со исто име, на која беа префрлени сите електрични мрежи на полуостровот.
По настаните од 2014 година, украинската компанија Крименерго го пресели своето седиште од Симферопол во Киев.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата