Соочен со пад на побарувачката, одложен премин кон електрична мобилност и високи трошоци, германскиот гигант најавува болни намалувања што ќе се спроведат до 2030 година, првенствено во Германија.
Германската компанија „Бош“ објави планови за дополнително намалување на бројот на вработени за приближно 13.000, првенствено во рамките на својот деловен сектор за мобилност (Бош Мобилност). Оваа одлука доаѓа како одговор на сè попредизвикувачката економска средина и пазарните услови што резултираа со годишен дефицит од околу 2,5 милијарди евра на глобално ниво.
Компанијата ги наведува бавниот развој на глобалниот пазар на возила, недостатокот на регулаторна рамка за нови технологии како што е водородот и значителното доцнење во пенетрацијата на електричната мобилност и автоматизираното возење како клучни причини.
Предизвикувачка деловна средина
„Бош“ истакнува дека побарувачката на нивните пазари во голема мера е пренасочена кон региони надвор од Европа, што, заедно со структурните промени и силниот ценовен притисок во автомобилската индустрија, создава значителни предизвици.
Во исто време, компанијата мора да финансира големи инвестиции во иднина, главно од сопствени ресурси. За да го премости споменатиот финансиски јаз, Bosch планира да спроведе низа мерки за намалување на трошоците на сите нивоа - а најголемиот потег се отпуштањата, кои ги нарекоа неизбежни во нивното соопштение за медиумите.
Покрај неизбежните структурни и персонални прилагодувања, компанијата гледа потенцијал за намалување на трошоците преку зголемена продуктивност со употреба на вештачка интелигенција во производството и инженерството, намалени трошоци за материјали и опрема, оптимизација на капиталните расходи и зголемена ефикасност на логистиката и глобалните синџири на снабдување.
„Итно треба да работиме на нашата конкурентност во секторот за мобилност и трајно да ги намалиме трошоците. За жал, нема да можеме да избегнеме понатамошни намалувања на работни места. Тоа многу нè боли, но за жал нема алтернатива“, рече Стефан Грош, член на одборот на Bosch и директор за индустриски односи.
Почнуваат преговорите
Најпогодени локации ќе бидат локациите во Германија, особено одделенијата Power Solutions и Electrified Motion во Фојербах, Швибердинген, Вајблинген, Бил и Хомбург. Планирани се и намалувања на работни места во корпоративните функции, администрацијата, продажбата и одделните подружници.
Менаџментот на Bosch ги презентираше потребните мерки и персонални прилагодувања на претставниците на вработените и ги информираше и своите вработени. Тие планираат веднаш да започнат преговори со претставници на вработените на одредени локации, а планирано е прилагодувањата да се вршат постепено, до крајот на 2030 година. Претходните информации зборуваа за 5.500 отпуштања во текот на следните седум години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата