Голем хотелски ланец со седиште во Германија, кој управува со стотици објекти низ Европа, прогласи инсолвентност, а иднината на повеќе од 120 локации засега е неизвесна. Revo Hospitality, порано позната како HR Group, е најголемиот трет европски хотелски оператор, кој управува со хотели под сопствени и глобални брендови – од средна класа до луксузни брендови под франшиза, како што се Хилотон, Хајат, Мериот и други. Групацијата треба да биде реструктурирана до лето, но сè уште е неизвесно во каков состав.
Групацијата Рево управува со повеќе од 260 хотели и околу 39.000 соби во 12 европски земји. Најголем број хотели има во Германија и Австрија – вкупно 125 хотели за кои тврдат дека ќе останат отворени и ќе продолжат да вработуваат околу 5.500 работници. Сè уште не е јасно што точно ќе се случи со останатите хотели кои се наоѓаат, меѓу другото, во Италија, Холандија, Шпанија, Франција, Чешка, Словачка и Швајцарија. Во Хрватска засега не работат.
Следува реструктурирање
Со поднесувањето барање за инсолвентност, Revo Hospitality ќе биде реструктурирана во рамки на самоуправување до летото оваа година, соопштуваат од групата, во чиј состав има дури 140 компании. Имено, пријавата за инсолвентност не значи автоматски стечај. Во случајот на Revo Hospitality станува збор за инсолвентност со самоуправување – правна постапка во која компанијата признава дека моментално не може редовно да ги подмирува сите финансиски обврски, но продолжува со работа под судски надзор. Управата останува на чело на компанијата, хотелите остануваат отворени, а целта на постапката не е ликвидација, туку финансиско реструктурирање.
Таквиот модел овозможува привремена заштита од доверителите, обезбедување исплата на платите на вработените, како и повторно преговарање за договорите за закуп, кредити и други обврски.
„Со постапките за инсолвентност за приближно 140 компании, кои во најголем дел се покренати во рамки на самоуправување, постојат добри перспективи за брзо реструктурирање и долгорочно продолжување на работењето. Веднаш ќе го стабилизираме работењето и ќе ги спроведеме почетните мерки за реструктурирање во договор со клучните засегнати страни. До Сојузната агенција за вработување поднесовме барање за предфинансирање на исплатата на платите за периодот од јануари до март 2026 година“, изјави Гордон Гајзер од GT Restructuring, кој е именуван за директор за време на постапката на самоуправување.
Најбрзо растечка хотелска куќа
Во соопштението на компанијата се наведува дека економската криза во Германија најмногу придонела за проблемите со кои се соочиле компаниите во состав на групата, особено зголемените трошоци за работна сила и наглото зголемување на минималната плата, како и повисоките трошоци за кирија, енергија и храна. Иако, признаваат дека ситуацијата ескалирала и поради силната експанзија на Revo Hospitality групата во последните години, што довело до дуплирани структури и проблеми со интеграцијата. Истовремено, многу хотели работеле врз основа на долгорочни договори за закуп и франшиза, што во услови на нестабилен пазар значително ги зголемило фиксните трошоци.
Revo Hospitality започнала со работа во 2008 година со само еден хотел во Лајпциг. До 2013 година имале 10 хотели, 51 хотел до 2020 година, а позначајната експанзија започнала во 2016 година, со отворање ново седиште во Берлин. Најголемиот исчекор се случил во 2022 година, кога преку низа големи аквизиции бројот на хотели скокнал на 145. Експанзијата продолжила и во 2023 и 2024 година, кога групата надминала 190 хотели и го проширила работењето низ Европа, со повеќе од 7.000 вработени.
Во 2025 година, веќе под името Revo Hospitality Group, компанијата достигнала стратешка пресвртница со преземање на управувањето со повеќе од 60 објекти на H-Hotels, со што вкупното портфолио надминало 260 хотели и го потврдило статусот на една од најбрзо растечките хотелски групации во Европа.
Минатогодишниот приход изнесувал 1,3 милијарди евра, со околу 8.300 вработени, но растот на трошоците поврзани со експанзијата не бил проследен со очекуваниот раст на прометот, поради што компанијата не го остварила планираниот деловен резултат во 2025 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата