logo
logo
logo

ЌЕ СЕ КУПАТ 5 ЕЛЕКТРИЧНИ ЛОКОМОТИВИ ЗА ГРАДСКИОТ ВОЗ

Vecer | 02.01.2026

ЌЕ СЕ КУПАТ 5 ЕЛЕКТРИЧНИ ЛОКОМОТИВИ ЗА ГРАДСКИОТ ВОЗ

Проектите во железничката инфраструктура бележат значителен напредок, при што фокусот е ставен на Коридорите 8 и 10, модернизацијата на постојните пруги и развојот на нови, побрзи железнички линии, рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со текот на модернизацијата на железниците.

– Што се однесува до проектите во железницата, јас можам да кажам дека сум исклучително задоволен како напредуваат. Ќе ве потсетам дека, по оној застој којшто беше со делницата три од Коридорот 8 и пругата којашто ги поврзува Куманово и Крива Паланка, и граничниот премин со нашиот источен сосед Бугарија, и оние првични, би рекол, неусогласености се надмина. Потпишавме договор со нашиот источен сосед, Брисел излезе со поддршка во делот на изградбата на оној тунел којшто треба да ги поврзува двете пруги, односно пругата од кај нашиот источен сосед и нашата пруга, и очекувам дека оваа година полека, но сигурно, ќе биде објавен тендерот за изработка на таа, условно наречена, делница три. Бидејќи првата, од Куманово до Бељаковце, таа ја пуштивме, втората, која што се работи од Бељаковце до Крива Паланка, и третата, од Крива Паланка до влезот на тој тунел. Тоа е проект кој што го движиме – рече Мицкоски.

На неговиот последен состанок во Брисел, Мицкоски рече дека побарал средства со коишто ќе се модернизира пругата, која што е исто така дел од Коридорот 8, којшто ги поврзува Скопје и Кичево, во делот на промена на шини и во делот на електрификација.

Премиерот истакна дека се развива проектот за брзата пруга од Коридорот 10, којашто треба да ги поврзе Табановце – Богородица. Таму патничките возови ќе се сообраќаат со брзина до 200 км/ч, додека товарните до 120 км/ч. Не ја исклучи и вредноста и придобивките од проектот „градски воз“.

– Истовремено го развиваме и проектот за брзата пруга од Коридорот 10, којашто треба да ги поврзе Табановце и Богородица. Таму патничките возови ќе се сообраќаат со брзина до 200 км/ч, а товарните до 120. Ќе биде на два колосека. Таа е дел од проектот со Обединетото Кралство. Се разработуваат веќе физибили студии и студијата за социо-економско влијание на средината, би рекол и влијание врз еколошките параметри. Очекувам тоа да биде завршено до крајот на летото и веќе од есен да почнеме полека, но сигурно, да зборуваме за камен-темелник – рече Мицкоски.

Во меѓувреме Владата има повик со којшто бира финансиер.

– Имаме една понуда којашто е не обврзувачка, која што е апроксимативна. Допрва ќе почнеме во разговори и преговори за деталите, но потребни ни се параметрите од овие физибилити студии за коишто претходно зборував. Така што очекувам и овој проект да се задвижи. Истовремено напредува таканаречениот „градски воз“, проект вреден, во првата фаза, од шест милиони евра, околу 360 милиони денари, со коишто од источното крило од главниот град, со електрична локомотива, односно со електричен воз, ќе се пристигнува до центарот на градот. Пред некој ден потпишавме договор за набавка на пет електрични локомотиви, во вредност од 21 милион евра – додаде премиерот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk