logo
logo
logo

Од денес РЕКЛАМИРАЊЕТО НА БРЗА ХРАНА Е ЗАБРАНЕТО

Vecer | 05.01.2026

Од денес РЕКЛАМИРАЊЕТО НА БРЗА ХРАНА Е ЗАБРАНЕТО

Во Велика Британија, денес стапи на сила забраната за рекламирање брза и нездрава храна на телевизија и на интернет, како дел од мерките за борба против дебелината кај децата.

Забраната важи низ цела Велика Британија и опфаќа рекламирање храна и пијалоци богати со масти, сол и шеќер на телевизија пред 21 часот, како и во секое време онлајн.

Мерката вклучува производи кои, според Би-Би-Си, се сметаат за најголеми причини за дебелина кај децата, вклучувајќи газирани пијалоци, чоколадо и слатки, пица и сладолед. Забраната, покрај нездравите производи, важи и за одредени видови каша и житарки за појадок, засладени пекарски производи, како и готови оброци и сендвичи.

Одлуката за тоа кои производи спаѓаат под забраната се донесува врз основа на систем за бодување кој ги проценува нутритивните вредности и содржината на заситени масти, сол и шеќер. Обичната овесна каша и повеќето каши, мусли и гранола не се опфатени со мерките, но верзиите со додаден шеќер, чоколадо или сируп може да бидат забранети.

Забраната важи само за реклами со нездрави производи, што значи дека синџирите за брза храна сè уште можат да рекламираат користејќи го името на брендот. Досега, ваквите реклами беа забранети само на платформи каде што повеќе од 25 проценти од публиката е под 16 години.

Според податоците од Британската национална здравствена служба (NHS), речиси секое десетто дете под седум години живее со дебелина, додека едно од пет деца до пет години има проблеми со кариес.

Владата вели дека изложеноста на децата на рекламирање на нездрава храна влијае на нивните навики во исхраната уште од рана возраст и го зголемува ризикот од прекумерна тежина.

Владата проценува дека новата забрана ќе спречи околу 20.000 случаи на детска дебелина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk