Владата на денешната вонредна седница донесе Одлука за определување на видот на енергентите, временскиот период и начинот на пресметка на акцизата, со што се овозможува намалување на акцизите на бензинот и дизелот. Мерката има за цел да го ублажи растот на цените на горивата предизвикан од поскапувањето на суровата нафта и нафтените деривати на светските пазари.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информираше дека Владата продолжува со проактивен пристап во справувањето со последиците од кризата на Блискиот Исток.
– Внимателно ја следиме состојбата и реагираме навремено, со цел да ги заштитиме стопанството и животниот стандард на граѓаните – сподели Димитриеска-Кочоска на својот Фејсбук-профил.
Од Владата посочуваат дека во изминатиот период е забележан значителен раст на котациите на суровата нафта и нафтените деривати на светските берзи, поради што континуирано се прават дневни анализи и се преземаат мерки за намалување на ценовниот притисок врз граѓаните и економијата.
Според владините пресметки, без намалувањето на акцизата малопродажната цена на бензините би се зголемила за околу четири денари по литар, додека со донесената мерка се очекува поскапување од околу три денари по литар.
Кај дизел-горивото, без владината интервенција цената би пораснала за околу осум денари по литар, а со намалената акциза се очекува зголемување од околу шест денари по литар.
Владата очекува Регулаторната комисија за енергетика, согласно своите законски надлежности, да ја донесе одлуката за новите малопродажни цени на горивата, при што ефектите од оваа мерка треба да овозможат граѓаните да плаќаат пониски цени отколку што би биле без владината интервенција.
Министерката Димитриеска-Кочоска истакна дека интервенцијата во акцизата ќе придонесе за стабилизирање на цените на нафтените деривати, а индиректно и за одржување на стабилноста на останатите цени.
– Со ваков одговорен пристап ќе продолжиме и во наредниот период. Ќе ја следиме состојбата и ќе носиме навремени, конкретни и реални мерки за поддршка на економијата и граѓаните, со цел да го заштитиме животниот стандард и да ја зачуваме економијата, која од почетокот на нашиот мандат бележи тренд на забрзан раст – порача министерката.
Од Владата нагласуваат дека заштитата на животниот стандард на граѓаните, зачувувањето на економската стабилност и навременото реагирање во услови на нестабилности на меѓународните пазари остануваат врвен приоритет. Доколку состојбите на светските пазари тоа го наложат, најавуваат дека ќе бидат разгледани и дополнителни мерки во интерес на граѓаните и стопанството.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата