Извршниот директор на Volkswagen (VW) и Porsche, Оливер Блуме, минатата година заработил повеќе и покрај тоа што се откажал од дел од својата плата. Со пензиски придонеси и бонуси за неколку години, тој во 2024 година добил речиси 10,35 милиони евра, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Тоа е за 6,5 отсто повеќе од претходната година, кога заработил 9,7 милиони евра, се вели во деловниот извештај на групацијата. Вкупната плата се состои од приходи од VW и нејзината подружница Porsche. Блуме е на чело на двете компании.
Блуме, како и целиот одбор на директори на концернот, се откажале од пет отсто од фиксната плата во VW во 2024 година, па основната плата му била намалена од 1,3 на 1,235 милиони евра, пренесува агенцијата ДПА.
Променливиот дел од платата во VW исто така бил нешто помал од претходно. Меѓутоа, во исто време, приходите на Блуме во друга компанија – Porsche – се зголемиле.
Вкупно деветте членови на раководството на концернот заедно заработиле околу 40 милиони евра. Во наредните години се планирани големи намалувања.
Во текот на оваа и следната година, членовите на раководството се откажуваат од 11 отсто од вкупниот приход. Со непроменети плати тоа значи заштеда за концернот од повеќе од четири милиони евра годишно.
После тоа, намалувањата постепено ќе се укинуваат.
VW се соочува со големи проблеми, на крајот на 2024 година беше објавено дека намалувањето на бонусите на менаџерите во Фолксваген ќе доведе до намалување на платите за 10 отсто во следните две години, откако германскиот производител на автомобили склучи договор со синдикатите за намалување на работните места и намалување на производството.
Работниците од синдикатот IG Metall презедоа извонреден чекор, нудејќи им да преземат намалувања на платите за да избегнат масовни отпуштања и затворања на погони планирани од германскиот производител на автомобили.
Вработените бараа гаранции за безбедноста на работата и иднината на деветте фабрики на компанијата низ Германија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата