logo
logo
logo

ЌЕ СЕ ВОВЕДУВА ИНТЕЛИГЕНТЕН ТРАНСПОРТЕН СИСТЕМ НА КОРИДОР 10, , потпишан Договор за грант со Светска банка

Vecer | 29.12.2025

ЌЕ СЕ ВОВЕДУВА ИНТЕЛИГЕНТЕН ТРАНСПОРТЕН СИСТЕМ НА КОРИДОР 10, , потпишан Договор за грант со Светска банка

Македонија обезбеди грант од 13,56 милиони евра – дополнителни средства во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Договорот за грант помеѓу Македонија и Светска банка, која дејствува како водечка финансиска институција за Инвестициската рамка за Западен Балкан – Програма за безбеден и одржлив транспорт, го потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и директорката на Светска банка за Македонија Карол Межеван.

-Денеска потпишуваме договор за грант, а со овие средства се унапредува транспортната ефикасност и предвидливост на Коридорот 10. Ова е една од компонентите од Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан чија крајна цел е зголемена ефикасност на транспортот во РС Македонија и во регионот. Тоа е особено важно во унапредувањето на патната инфраструктура, што како Влада ни претставува значаен приоритет, а самиот Проект ќе овозможи олеснување на трговијата и намалување на трошоците на економските субјекти – рече министерката Димитриеска Кочоска.

Таа потенцираше дека Владата работи на полето на подобрување на економските услови во целина, а сѐ со цел постигнување позабрзан економски раст.

-Инвестирањето во модерна патна инфраструктура и транзитни коридори е од витално значење за растот на Македонија, поточно за зајакнување на вредносните синџири, отворање пазари, намалување на трошоците за бизнис и привлекување странски инвестиции. Овие подобрувања ќе ѝ помогнат на земјата и во создавањето работни места и во градењето конкурентна, отпорна економија. Оваа иницијатива е клучна за реформите за пристапување на земјата во ЕУ и е во согласност со законодавството на ЕУ и Стратегијата за одржлива и паметна мобилност на Западен Балкан – рече Карол Межеван.

Имено, средствата се наменети за воведување интелигентен транспортен систем (ITS) на Коридорот 10, од граничниот премин Табановце до јужната клучка Велес, што вклучува и поддршка за воспоставување и опремување на национален центар за управување со сообраќајот со потребните ITS системски решенија за Коридорот 8 и Коридорот 10, вклучително и за кракот 10д.

Поконкретно, ќе бидат воспоставени систем за собирање податоци за протокот на сообраќај; систем за следење на тежината во движење (WIM); елементи за контрола на висината на возилата што пристапуваат до автопат; систем за собирање податоци за временските услови долж трасата на автопатот и систем за следење на транспортот на опасни материи (HAZMAT).

Активностите се реализираат во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, чија вкупна вредност е 26,2 милиона евра. Проценетата инвестициска вредност на оваа компонента е 29,9 милиони евра од кои 13,56 милиони евра се грант за кои е потпишан Договорот и 16,4 милиони евра се дел од заемот од Светска банка. Проектот го имплементира Министерството за транспорт.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk