Конечно во март имаме значаен раст на индустриското производство од 3%, а трговијата на мало расте со двоцифрен број проценти, близу 13%, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на информациите од Државниот завод за статистика за растот на индустриско производство и подобрување во трговијата на мало.
Мицкоски рече дека рударството и натаму потфрла и најави дека државата бара начин да го помогне.
– Тука имаме помала активност на рударството како сектор во првите 2-3 месеци, во првиот квартал. Се надевам дека за две-три проблематични правни субјекти ќе пронајдеме начин како државата да помогне, но и тие самите да си помогнат, со што рударството ќе го вратиме на правилниот пат – рече Мицкоски.
Тој рече дека будно се следи состојбата во индустријата и посебно преработувачката индустрија која расте.
-И тоа е нешто кое што треба сите нас да нѐ охрабрува. Еве во текот на вчерашниот ден излегоа ТИРЗ зоните, излегоа и тие со свои податоци, така што апсолутно како Влада продолжуваме и понатаму да работиме во интерес на граѓаните и државата – рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата