Македонија влегува во масовна модернизација на Коридорот 8, каде вкупните инвестиции во патната и железничката инфраструктура ќе достигнат до 6 милијарди евра. Според министерот за транспорт, Александар Николоски, само во патната мрежа моментално се вложуваат 2,1 милијарди евра, додека за железницата во следните неколку години се предвидени над три милијарди евра.
„Во моментот во активна градба или во завршување, само во делот на автопати и експресни патишта на Коридорот 8, имаме инвестиции од 2 милијарди и 100 милиони евра, што за држава со бруто-домашен производ од некаде 21-22 милијарди долари е огромна инвестиција. Поврзувањето до Ќафасан ќе биде во соработка со УНЕСКО и во рамките на нивната заштита. Значи, не е прашање дали, прашање е само како и каде. Автопатот Охрид - Кичево чини нешто под 800 милиони евра. Конечно го завршуваме, а таму имаше многубројни предизвици. Поврзувањето од овој автопат преку Струга до Ќафасан, без разлика на трасата што ќе ја избереме, ќе биде во соработка со УНЕСКО и во рамките на заштитата на УНЕСКО. Значи, не е прашање дали, прашање е само како и каде. Ќе чини речиси 250 милиони евра. Дополнително, во моментот сме во финална постапка за избор на изведувач заедно со Европската банка за развој за автопатско решение од Кичево до Букојчани, која ќе чини приближно 220 милиони евра. Тука е и делницата Букојчани - Гостивар за која веќе има изведувач и работиме со конзорциумот „Бехтел и Енка“, која ќе чини речиси 590 милиони евра и на која веќе активно се работи (веќе 50-ина проценти имаме прогрес). На тоа се надоврзува делницата од Гостивар до Тетово, потоа имаме 150 милиони евра целосна реконструкција на обиколницата на Скопје, на тоа додаваме уште 300 милиони евра за експресен пат што ќе го работиме заедно со Европската Унија од Куманово до Страцин, а Страцин - Крива Паланка минатиот јануари го ставивме во функција, проект вреден 100 милиони евра.“, рече Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата