logo
logo
logo

Анализа на „ПОЛИТИКО“

„СЕКОЈ ЗА СЕБЕ“ ВО ЕУ - Брисел крена раце, Азија го купува гасот пред нос на членките!

Vecer | 22.06.2026

„СЕКОЈ ЗА СЕБЕ“ ВО ЕУ - Брисел крена раце, Азија го купува гасот пред нос на членките!

Европа се соочува со силна азиска конкуренција за ограничените залихи на природен гас поради ниските национални резерви и летниот скок на побарувачката, анализира „Политико“.

Аналитичарите предупредуваат дека ЕУ тешко ќе победи во оваа битка.

Централизираните азиски економии (Кина, Виетнам, Јужна Кореја) се подобро опремени за брзи набавки на „спот-пазарот“ во споредба со ЕУ, која е пазарно ориентирана. Иако Брисел воведе координација за заеднички енергетски набавки по инвазијата врз Украина, таа политика не заживеа. Затоа, дури и со актуелниот мировен договор меѓу САД и Иран, Европа се соочува со повисоки цени на гасот и струјата. Извршниот директор на „TotalEnergies“, Патрик Пујане, изјави дека блокот ќе биде во неволја без итни испораки од Катар, додавајќи дека цените нема да паднат на претходните нивоа.

Регулативите на ЕУ налагаат резервите да се наполнат до 80% од капацитетот до декември. Тоа вообичаено се прави летно време кога цените се ниски, но годинава високите летни цени го нарушија овој модел, оставајќи ги складиштата под петгодишниот просек. Екстремните летни температури во Азија дополнително ја зголемуваат потрошувачката на гас за климатизација. Иако Азија главно користи долгорочни договори, недостигот ја турка на спот-пазарот, каде цените се формираат дневно, создавајќи директна конкуренција со ЕУ.

Доколку азиската побарувачка се совпадне со паничното купување во ЕУ пред зимата, Брисел ќе мора да понуди повисоки цени за да ги исполни целите. Енергетската агенција ACER проценува дека на ЕУ ќе и треба 13% поголем увоз на течен гас (LNG) во споредба со минатата година, што е тешко остварливо без закрепнување на производството во Персискиот Залив. Во спротивно, ЕУ може целосно да капитулира со полнењето на складиштата и да го одложи проблемот за зимата.

Слободен пазар наспроти командна економија

Во оваа битка ЕУ е во подредена положба. За разлика од Кина, која во 2021 година агресивно купуваше LNG преку државни наредби, Европската комисија нема моќ над приватните увозници во 27-те членки. Платформата за заеднички набавки „AggregateEU“ пропадна бидејќи големите енергетски гиганти ја избегнуваа. Иако Брисел размислува за нејзино заживување по војната во Иран, увозниците стравуваат од обвинувања за картелско здружување, а ЕУ не може законски да ги принуди да ја користат.

Европските функционери не можат ниту директно да преговараат за пренасочување на карго-танкерите со азиските колеги — на пазарот владее принципот „секој за себе“. Додека Азија веќе навлегува на спот-пазарот, Кина останува клучниот фактор. Пекинг досега дејствуваше стабилизирачки трошејќи ги сопствените залихи, но бидејќи тие паднаа под петгодишниот просек, нивното повторно масовно купување драстично ќе го затегне глобалниот пазар.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk