Амбициозниот план на Хрватска од својата берза во Загреб да направи голем регионален финансиски центар е блокиран од Словенија, која се грижи за своите национални интереси.
Словенечките власти го спречија преземањето на Љубљанската берза од Хрватската финансиска агенција (Фина), која сега е нов сопственик на Загрепската берза.
Македонската Комисија за хартии од вредност (КХВ) на 16 октомври годинава даде согласност Фина да стекне квалификувано учество во Македонската берза, односно индиректно преку Загрепската берза евентуално да се стекне со акции чиј вкупен кумулативен износ не надминува 30%.
Да потсетиме, Загрепската берза е веќе стопроцентен сопственик на Љубљанската берза, но за Словенците сега работите се менуваат затоа што не приватен, туку државен субјект од соседството треба да им биде сопственик на берзата.
Најавата дека хрватската држава, односно Фина, ја презема Загрепската берза дојде како своевидно изненадување, а бидејќи Загрепската е целосен сопственик на Љубљанската и 30-проценен сопственик на Македонската берза, мораше да се добие согласност од словенечките и македонските регулатори за овој нов момент – хрватската држава всушност да стане сопственик на тамошните берзи преку Фина.

Словенечкиот регулатор го отфрли барањето на Фина за преземање на Љубљанската берза
Словенечката агенција за пазар на хартии од вредност (ATRV) го отфрли барањето на ФИНА за преземање на сопственоста на Љубљанската берза, објави словенечката агенција STA.
Советот на ATRV заклучи дека постојат законски причини за отфрлање на барањето за стекнување индиректна квалификувана акција на Љубљанската берза и го отфрли барањето.
Агенцијата соопшти дека во постапката за лиценцирање ја процениле соодветноста на идниот квалификуван сопственик според критериумите од Законот за банки. Тие утврдиле дека Fina не ги исполнува пропишаните услови.
„Затоа, донесе одлука и денес му ја предаде на овластениот претставник на FINA“, објави ATRV.
Што проверува Агенцијата
Според словенечкиот закон за пазар на финансиски инструменти, секое лице кое сака да стекне акции на берза во износ што ја достигнува или ја надминува квалификуваната акција, прво мора да добие одобрение од ATRV. Во оваа постапка, Агенцијата ја проценува соодветноста на инвеститорот, искуството на органите на управување, финансиската стабилност и влијанието на преземањето врз надзорот на пазарот.
Исто така, се проверува дали постои сомневање за перење пари или финансирање на тероризам за време на процесот на купување.
Словенија однапред го најави своето противење
ФИНА сака да стане мнозински сопственик на Загрепската берза, која ја држи и Љубљанската берза.
Моментално има десет проценти удел во операторот на Загрепската берза. Ханфа веќе даде согласност на ФИНА за директно стекнување на квалификуван удел од 50 до 100 проценти од акционерскиот капитал и правото на глас.
Но, словенечката влада минатата недела објави дека се спротивставува на преземањето на Љубљанската берза од страна на Фина, наведувајќи дека ФИНА „не ужива добар углед во Словенија“.
Владата ја прогласи Љубљанската берза за критична инфраструктура од национално значење, што значи дека нејзиното преземање од страна на странско правно лице во државна сопственост ќе бара согласност од владата.

Реакции од Загреб и Фина
Пред одлуката на Агенцијата, хрватскиот министер за финансии Марко Приморац изјави за Јутарњи лист дека „тоа би било лошо за Словенија и би можело да му наштети на нејзиниот углед“ ако ATRV дејствува по политички инструкции.
Фина не коментира за процедурите поврзани со преземањето на Љубљанската берза. Тие изјавија дека законот им забранува да го прават тоа сè додека не се објави понудата за преземање и не се заврши постапката.

За Македонија ова ќе значи само - пристап
На 25 август 2025 година свечено беше потпишан меморандум за разбирање и соработка насочена кон развој на пазарот на капитал, кој го потпишаа министрите за финансии односно високи функционери на Хрватска, Словенија, Полска, Словачка, Романија, Бугарија, Унгарија и Македонија.
Декларираната цел на заедничката иницијатива се реформи што ќе овозможат посилен, поефикасен и поконкурентен пазар на капитал во сите земји од Централна и Југоисточна Европа, а седиштето на Загрепската берза ќе биде централна точка на оваа интеграција.
Тогаш, македонската министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска по тој повод истакна дека клучната бенефиција за Македонија од оваа иницијатива може да се сумира во еден збор – пристап.
„Силно верувам дека за две-три години ќе ги видиме бенефициите што ќе ги почувствуваат бизнис-секторот и нашите компании, а кои ќе произлезат токму од овој меморандум. Доаѓам од приватниот сектор и добро знам колку е тешко една компанија да ја убеди банката дека нејзината идеја или иновација е доволно сериозна за да успее. Во такви услови, пазарот на капитал е единствениот начин компаниите побрзо да растат и да го реализираат својот потенцијал“, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа потенцираше дека интеграцијата им обезбедува на македонските, но и на компаниите од регионот, особено на малите и средните фирми, кои се столб на економиите, поголем број инвеститори, различни извори на капитал и нови прекугранични партнерства.

Хрватската држава влегува во Македонската берза
Македонската Комисија за хартии од вредност (КХВ) на 16 октомври годинава даде согласност ФИНА да стекне квалификувано учество во Македонската берза, односно индиректно преку Загрепската берза евентуално да се стекне со акции чиј вкупен кумулативен износ не надминува 30 отсто.
„Фина, чиј единствен основач и содружник е државата Република Хрватска, веќе има добиено согласност од хрватскиот регулатор Ханфа да се стекне со директно квалификувано учество во Загрепската берза. Доколку понудата за преземање биде успешна, Фина може директно да стекне 50 отсто плус една акција во Загрепската берза, а со тоа и индиректен удел од 14,99 отсто во Македонската берза. Ако Фина стигне до максимален удел од 100 отсто во Загрепската берза, со тоа индиректниот удел во Македонската берза ќе биде до 29,98 отсто“, пишуваше во соопштението на КХВ.
Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија на 68-мата седница со која претседаваше Претседателката на КХВ М-р Бујаре Абази донесе Решение со кое на правното лице Finansiska agencija FINA од Р. Хрватска се дава согласност да стекне квалификувано учество во Македонска берза АД Скопје, односно индиректно преку Zagrebacka burza d.d да се стекне со акции чиј вкупен кумулативен износ не надминува 30% од вкупно издадените акции со право на глас од Македонска берза АД Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата