Дел од синдикатите што денеска протестираат беа со мене на прес-конференции кога заеднички постигнувавме договори за поголеми права за вработените и повисоки плати, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој го класифицира денешниот протест во групата, како што рече, традиционални првомајски протести кои синдикатите треба да ги прават.
-Ова нивно протестирање денеска го класифицирам во групата традиционални првомајски протести кои, впрочем и синдикатите треба да ги прават. Право на секој граѓанин е да протестира и да се бори за поголеми права. Ние сме демократска држава, ова е демократска Влада, така што ние тоа право го почитуваме, истакна премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на катна гаража позади Градскиот пазар во Охрид.
Мицкоски, кој е во посета на Општина Охрид, ќе изврши увид на градежните активности на плоштадот „Кај Чинарот“, како и увид на проектот за пумпната станица „Метропол“. Тој е придружуван од вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата