logo
logo
logo

МАКЕДОНИЈА Е ВО ЗАСИЛЕН ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ, во подготовка 17 проекти вредни 650 милиони евра, земјоделието има рекордни резултати

Vecer | 21.02.2026

МАКЕДОНИЈА Е ВО ЗАСИЛЕН ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ, во подготовка 17 проекти вредни 650 милиони евра, земјоделието има рекордни резултати

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Македонија се наоѓа во фаза на засилен економски развој, со нов бран странски инвестиции и значајни резултати во земјоделството. Според него, во тек е реализација или финално договарање на повеќе стратешки проекти, додека земјоделството повторно станува силен двигател на економијата.

Мицкоски нагласи дека Владата активно работи на привлекување на нови инвеститори, а најголем дел од проектите веќе се во финална фаза.

-Во моментов во почетна фаза на реализација, или во фаза на потпишување договори за државна помош и слично се од прилика 17 проекти, во вкупна вредност од над 650 милиони евра кои што треба да обезбедат од прилика помеѓу 4500-5000 нови директни работни места и очекувам оваа година најголемиот дел од овие проекти да бидат отпочнати со производство, што, исто така, ќе додаде вредност во вкупниот бруто-домашен производ на државава а колку е тој поголем, толку повеќе ние ќе имаме пари за реализирање на ваков вид капитални инвестици – изјави премиерот по увидот во изградба на автопатот Гостивар-Букојчани (Коридор 8).

Тој додаде дека покрај ТИРЗ, се реализираат и инвестициски проекти надвор од зоните.

-Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари – дополни премиерот.

Тој истакна дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб, особено во последниот квартал од годината.

-Навистина импресивни се резултатите во земјоделието во четвртиот квартал, повеќе од двојно е поголем извозот во земјоделието отколку увозот на земјоделски производи. Само во четвртиот квартал имаме околу 12,5 милијарди денари што е навистина импресивна бројка, споредено со целата година, имаме преку 450 милиони евра извоз на земјоделски производи, наспроти околу 200 милиони увоз – рече тој.

Нагласи дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци.

-Земјоделието повторно станува одличен драјвер на македонската економија. За жал, откривме дека дел од лицата кои се декларираат како земјоделци всушност ги злоупотребуваат субвенциите. Во новата програма поддршката ќе ја добиваат вистинските земјоделци, кои реално произведуваат и придонесуваат – нагласи премиерот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk