logo
logo
logo

Николоски и колегата од Бугарија Караџов ја конкретизираа 3 фаза од пругата - ПРОДОЛЖУВА ИЗГРАДБАТА НА КОРИДОР 8

Vecer | 26.08.2025

Николоски и колегата од Бугарија Караџов ја конкретизираа 3 фаза од пругата - ПРОДОЛЖУВА ИЗГРАДБАТА НА КОРИДОР 8

Владата преку Министерството за транспорт продолжува со силната активност за доизградба на железничкиот Коридор 8 кон Република Бугарија, информираат попладнево од владината прес-служба.

„По средбата на високо ниво меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, а понатаму и работните групи од двете земји, се конкретизираат работите за изградба на третата фаза од пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија, како и изградба на тунелот како гранична точка. Во рамки на тие активности, денеска, Владата на седница донесе одлука да се ефектуира Договорот за грант за техничка поддршка во висина од 3,7 милиони евра добиен од Европската инвестициска банка“, пишува во соопштението.

Со ова, како што се појаснува, избраниот Консултант во следниот период ќе изработи нова проектна документација, како и подготовка на тендерската постапка за избор на изведувач.

„Дополнително да се забрзаат активностите, ЈП за железничка инфраструктура ќе започне постапка за избор на надзор на изградбата. Преку овие активности, Владата во континуитет покажува цврста заложба во реализација на стратешко-инфраструктурните проекти за државата. Изградбата и модернизацијата на железничката мрежа е приоритет на Владата и во рамките на тие приоритети се преземаат засилени активности за доизградба на железницата на Коридор 8, како и изградба на брза пруга на Коридор 10“, наведуваат од владината прес-служба.

Овие проекти што имаат и регионално значење, како што истакнуваат, ќе ја позиционираат државата како транзит земја на Балканот – дел од европските транспортни рути со што бенефитот е повеќекратен.

„Проектите за развој и модернизација на целокупниот железнички систем претставуваат стратешки проекти на државата за регионално поврзување, забрзан економски развој и отворање на нови пазари за домашните компании“, се додава во соопштението.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk