logo
logo
logo

ПРОДОЛЖЕН е рокот за избор на трет мобилен оператор, на барање на 4iG

Vecer | 24.11.2025

ПРОДОЛЖЕН е рокот за избор на трет мобилен оператор, на барање на 4iG

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ги продолжи за 96 денoви роковите од тендерската документацијата за трет мрежен оператор, колку што беше запрена постапката поради локалните избори.

Продолжување на рoкот, како што информираа од Агенцијата, побарал единствениот понудувач на тендерот „Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор-ај-џи“ (4iG) повикувајќи се на застојот од 96 дена поради изборите.

Сега краен рок за донесување одлука за избор на најповолен понудувач е 12 јануари 2026 година, а 25 февруари 2026 година е рокот за доделување одобрение за користење на радиофреквенции.

Од АЕК појаснија дека продолжувањето на роковите е поткрепено со законска основа.

По отворањето на понудите за тендерот на 22 август годинава, Комисијата за спроведување на Јавниот тендер со јавно наддавање констатираше дека сите документи ги исполнуваат условите пропишани во тендерската документација и се согласно закон, но поради распишувањето на локалните избори што се одржаа во октомври, конечната одлука за избор на најповолниот понудувач беше одложена за по изборите, се наведува во образложението.

На пазарот на електронски комуникации во државава работат мрежните оператори Македонски Телеком АД Скопје, А1 Македонија ДООЕЛ Скопје, како и виртуелните Лајкамобајл ДООЕЛ Скопје, МТЕЛ ДООЕЛ Скопје, РОБИ ДООЕЛ Штип и Греен Телекомуникации ДОО Прилеп.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk