По повеќе од една деценија тишина, енергетската артерија меѓу Грција и Македонија повторно проработе. На последниот ден од годината официјално беше ставен во функција нафтоводот Солун – Скопје, со што се означи ново поглавје во регионалното снабдување со нафтени деривати и енергетската соработка меѓу двете земји.
Информацијата ја соопшти извршниот директор на Helleniq Energy, Андреас Сиамисис, на настан организиран од компанијата, а првата пратка веќе е успешно испорачана, а во наредниот период се очекува и втора.
Нафтоводот, кој беше надвор од употреба од 2013 година, повторно стапува во функција по 13 години неактивност и ќе служи како вертикален коридор за транспорт на традиционални енергенси. Главниот производ што ќе се пренесува е дизел-горивото, кое претставува клучен енергент за поширокиот регион, истакнал Сиамисис, нагласувајќи ја неговата стратешка важност.
Според оценките на грчката страна, активирањето на нафтоводот значително ќе го олесни извозот не само кон Македонија, туку и кон други соседни пазари, меѓу кои Косово, јужна Србија и Бугарија. Со тоа, Грција дополнително го зајакнува својот геополитички и енергетски отпечаток на Балканот, преку побрзи, поефикасни и поекономични транспортни рути.
Истовремено, повторното пуштање во работа носи и еколошки и сообраќајни придобивки за Солун. Намалувањето на транспортот со цистерни, кој во изминатите години беше единствениот начин за снабдување, значи помал метеж, помало оптоварување на патната инфраструктура и пониско загадување на животната средина во и околу градот.
Од македонска страна, премиерот Христијан Мицкоски кон крајот на ноември најави дека Владата ги завршува сите неопходни чекори за повторно ставање во функција на продуктоводот, кој со години бил запоставен и конзервиран.
Тој посочи дека биле спроведени технички испитувања, како и подготовки за притисочни проби, а бил усвоен и ценовникот, што овозможило создавање услови нафтоводот конечно да почне со работа. Притоа нагласи дека користењето на продуктоводот ќе зависи од интересот на компаниите, бидејќи државата не може и не треба да води бизнис во име на приватниот сектор.
Сопоред информациите, нафтоводот има капацитет годишно да пренесува до 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати, вклучувајќи дизел, керозин и бензин. Напорите за негово реактивирање се интензивираа од 2020 година, кога беше формирана заедничка комисија меѓу инволвираните страни, со цел да се надминат отворените прашања и да се создаде поповолна рамка за повторно пуштање во употреба на оваа значајна енергетска врска меѓу Солун и Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата