Фактите покажуваат каква е состојбата во земјоделството. Опозицијата се обидува да напаѓа и да манипулира со изнесување лаги и конструкции, но граѓаните да бидат спокојни, зашто Владата мисли на се, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
- Исплатата на субвенциите е навистина за мене изненадувачки позитивна, веќе минатата недела се исплатија околу 400 милиони денари за околу 7.000 земјоделци. Ќе продолжиме на тој начин да ја придвижуваме економијата. Ги следам пораките од опозицијата која се обидува со конструкции и лаги да напаѓа, но фактите се сосема поинакви. Кога оваа Влада беше избрана, пред нецели 14 месеци, во „Национални шуми“ и АД „Водостопанство“ повеќе од три месеци не беа исплатени плати, а сега се и денес редовно се исплаќаат. Имавме и неисплатени субвенции од 2021 година, а сега се завршува со оние за 2024 и почнува реализацијата за 2025 година. Кај тутунот договорите кои беа на 375 денари за килограм и 80 денари субвенција, сега се зголемија на 400 денари за килограм и 100 денари субвенција со што се постигнаа рекордни 500 денари за килограм, а реколтата порасна од 18 милиони килограми на 23 зашто донесовме Закон во кој кажавме додека и последниот лист не биде откупен, нема да се увезува, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Петровец.
Според премиерот, и кај раногардинарските култури, зелка, домати, краставица, лук, кромид, пипер, се забележува рекордна откупна цена.
- Зошто е тоа така, зашто Владата не се договара со откупувачите за цената да ја депресира и потоа некој да профитира. Секаде се бележат рекордни цени, и кај мелничарите, и кај производителите на пченица. Опозицијата се обидуваше да манипулира и кај грозјето, а таму имаме рекордни цени и род 25 отсто повеќе зашто работеа системите за наводнување навреме. Ако лани достигнавме 70 – 75 милиони килограми, сега родот ќе биде 100 милиони. Ова се факти, а тоа што го зборува опозицијата е обид да се конструира нешто, обид за политиканство. Опозицијата има своја агенда, а ние треба да работиме во интерес на граѓаните. Мислат ќе добијат некој политички поен, но граѓаните да бидат спокојни, имаат Влада што мисли на се, подвлече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата