logo
logo
logo

Трамп врши притисок врз ЕУ: „ЗГОЛЕМЕТЕ ГИ ЦАРИНИТЕ НА 100%“

Vecer | 12.09.2025

Трамп врши притисок врз ЕУ: „ЗГОЛЕМЕТЕ ГИ ЦАРИНИТЕ НА 100%“

Американскиот претседател Доналд Трамп апелираше до претставниците на ЕУ да воведат царини до 100 проценти за кинески стоки, како дел од стратегијата за притисок врз рускиот претседател Владимир Путин, објавија американски функционер и дипломат на ЕУ.

Според истите извори, Трамп го охрабри воведувањето слични мерки против Индија, имајќи предвид дека и Кина и Индија се меѓу најголемите купувачи на руска нафта и со тоа клучен столб на руската економија за време на војната во Украина, објавува Ројтерс.

Барањето беше пренесено преку видеоконференција до специјалниот претставник на ЕУ за санкции, Дејвид О'Саливан, и други претставници на ЕУ кои моментално се во Вашингтон за да ги координираат санкциите.

Според дипломат на ЕУ, Американците рекоа дека се подготвени да воведат исти царини, но само ако Европа го стори истото.

Таквиот потег би означил промена во стратегијата на ЕУ, која досега се потпираше на санкции наместо на царини.

Кина веднаш реагираше велејќи дека е цврсто против економски притисок и користење на нејзиното име во дискусиите за Русија.

Трамп претходно им се закани на Индија и Кина со царини за купување руска нафта. Во текот на летото, тој ги зголеми царините за индиските стоки за дополнителни 25 процентни поени, делумно поради односот на Њу Делхи со Москва, но досега не ги спроведе најстрогите мерки за кои зборуваше.

Во исто време, Трамп постојано ја критикуваше Европа за тоа што не се одвои целосно од рускиот гас, кој минатата година сочинуваше околу 19 проценти од вкупниот увоз на таа енергија во ЕУ, иако Брисел тврди дека е посветен на целосно прекинување на зависноста од Москва.

Подоцна во вторникот, Трамп го омекна својот тон кон Индија, пишувајќи на социјалните мрежи дека САД и Индија работат на отстранување на трговските бариери и дека со нетрпение очекува да разговара со индискиот премиер Нарендра Моди.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk