Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека е подготвен за средба со синдикатот и потпишување на колективниот договор за државните службеници, но дека ќе мора да се согласат да се тргне делот за плати од Општиот колективен договор којшто, како што кажа, е збунувачки и за него ќе треба да се преговара.
– Јас сум секогаш подготвен за средба. Апсолутно можеме да договориме средба и немаше потреба од никакви јавни коментари поврзани со оваа тема кога јас многу јасно ова сум го предложил уште минатата година само тогаш беше на четири рати бидејќи беше опфатена и 2025 година. Сега, бидејќи 2025 е зад нас, остануваат три години, односно две години и два – три месеца (април 2026, 2027 и 2028). Тоа е условот – да дојдат, но треба исто така во тие преговори да се согласат на веќе изминатиот од важност Општ колективен договор, да го тргнеме делот за плати којшто и онака е збунувачки, и да се посветиме на овој договор да го финализираме и во рамки на тие две години да се договориме и за тој дел. Ние сме подготвени да преговараме, изјави денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Вели дека оваа понуда била на маса веќе една година и дека неговиот став е непроменет, односно бил ист и тогаш и сега.
– Со тоа Владата ги регулира односите со своите колеги, односно онаму кадешто Владата е работодавач бидејќи остануваат уште административните службеници. Со сите останати ние како Влада имаме договор, рече Мицкоски по означувањето на почетокот на изградба на булеварот „Македонија“ кај хотелот Лимак во Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата