Автомобилските производители, лоби групите и дипломатите од Европа до Индија и од Јапонија до САД стравуваат дека ограничувањата на Кина за извоз на ретки земни метали би можеле сериозно да ги загрозат глобалните синџири на снабдување за широк спектар на технологии. Германците беа првите што го кренаа алармот.
Германската автомобилска индустрија, 'рбетот на нивната економија, е во сериозни проблеми бидејќи зависи од ретките суровини на Кина за производство на речиси сè, од мотори за бришачи и серво волан до алтернатори и светла.
Но, не е засегната само автомобилската индустрија бидејќи истите материјали се клучни и за производство на паметни телефони, ветерни турбини, борбени авиони и беспилотни летала.
Алтернативни решенија
Кина воведе строг режим на извоз во април, а за секоја пратка е потребна индивидуална дозвола и обемна документација. Поради ова, извозот на ретки земни елементи се намали за 50 проценти, а илјадници барања од европски компании останаа необработени.
Иако некои, како што се добавувачите на Фолксваген, успеаја да добијат дозволи, системот едноставно не е доволно брз или ефикасен за да овозможи непречено производство.
Неколку глобални производители на автомобили сега размислуваат да преместат дел од производството во Кина, каде што електричните мотори би можеле да се изградат или надградат со магнети на лице место. Ова би ги заобиколило ограничувањата што моментално важат само за извоз на магнети, а не и за готови делови.
Дополнително, автомобилските компании се обидуваат да најдат алтернативни добавувачи на магнети во Азија и Европа. Но, еден претставник од индустријата изјави за Волстрит џурнал дека „ниту еден од тие извори не може да го задоволи нивото на побарувачка“.
Високи трошоци за усогласување
Недостатокот особено влијае на производството на електрични и хибридни возила, кои содржат значително повеќе ретки земни метали од конвенционалните модели.
Враќањето на постарата технологија на електрични мотори без ретки метали е технички можно, но непрофитабилно бидејќи денешните мотори се поефикасни и поевтини. Алтернативно, се разгледува отстранувањето на луксузните карактеристики како што се прилагодливи седишта и напредни звучни системи што ги користат тие метали. Но, тоа е краткорочно решение.
Додека Западот се обидува да ја намали зависноста, Кина знае дека процесот нема да биде ниту брз ниту евтин. На западните земји им недостасува професионален персонал и инфраструктура за да изградат сопствена мрежа за снабдување.
„Њујорк тајмс“ забележува дека Кина има 39 универзитети со програми за обука на инженери и истражувачи специјализирани во индустријата за ретки земни метали. Ваквите програми се ретки во САД и Европа. Покрај тоа, високите трошоци за усогласување со европските прописи за заштита на животната средина го прават развојот на сопствената индустрија уште поскап.
Блокирањето на извозот не е долгорочно профитабилно решение за Кина, а во преговорите со западните колеги, Пекинг веројатно ќе побара намалување на царинските давачки, подобар пристап до западните пазари или укинување на секундарните санкции за компаниите што ги користат чиповите на „Хуавеи“ во замена за полесно издавање на извозни лиценци.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата