Холандската влада планира да воведе данок на шеќер, кој би можел да влијае врз цените на безалкохолните пијалаци, но и на одредени видови пиво, објави „Телеграф“, повикувајќи се на писмо од кабинетот на холандскиот премиер Роб Јетен и на извори запознаени со планот.
Се очекува дека оваа мерка би можела да донесе околу 900 милиони евра приходи и да ги поттикне граѓаните на поздрави навики, пренесува NL Times.
Плановите на холандските власти предвидуваат воведување данок на шеќер за сите производи кои содржат повеќе од шест проценти шеќер, па по поскапувањето, цената на литарско шише кока-кола би била повисока за 25 центи, додека цените на другите производи би пораснале за околу едно евро по пакување.
Воведувањето на данокот според содржината на шеќер во прехранбените производи ќе биде многу посложено, предупредија извори и наведоа дека владата би се соочила со бројни прашања, како на пример кои производи да бидат опфатени, а кои изземени.
Слични предизвици се појавија и во моментот кога се разгледуваше намалувањето на ДДВ-то за овошјето и зеленчукот.
За разлика од намалувањето на ДДВ-то за овошјето и зеленчукот, со што тие би поевтиниле, данокот на шеќер би ги зголемил цените на производите со висока содржина на шеќер како што се газираните пијалаци, овошните сокови, енергетските пијалаци, но и безалкохолното пиво и пивата со многу ниска содржина на алкохол.
Здружението на супермаркети ЦБЛ (CBL) во Холандија предупреди дека цените на храната следната година би можеле да пораснат за 10 проценти, делумно поради владините мерки, вклучувајќи го и данокот на шеќер, но и поради зголемените патарини за камионите и енергетските такси.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата